Со Проектот за доставување податоци за стаж до побрзо решение за пензија

Организацијата на работодавачи, ССК и ПИОМ го поздравија Проектот на Министерството за труд и социјална политика за доставување податоци за стаж на осигурување и плати за секој осигуреник, кој започна да се применува од јануари годинава.

Проектот се воведува со цел зголемување на информираноста на осигурениците за правата од пензиско и инвалидско осигурување, а како што посочуваат од ПИОМ и Огранизацијата на работодавачи навременото информирање ќе придонесе за поголема ефикасност во донесувањето на решенијата за права од пензиско и инвалидско осигурување, бидејќи податоците за стаж и плати ќе бидат целосни и точни што ќе претставува добра основа за брзо одлучување за правото и висината на пензијата.

Тие истакнуваат дека ваквиот начин ќе придонесе за поголема ажурност и ефикасност во донесувањето на решенијата за пензија.

– Вработените одсега ќе можат да го проверат својот стаж за сите години наназад и ако имаат некоја забелешка, ако мислат дека има некои грешки во податоците, а според првите сознанија гледаме дека има од поранешните години пред да се воведе електронско плаќање на придонесите има доста пропусти, сега навреме ќе можат да се исправат тие пропусти. Досега тоа се праваше дури кога осигуреникот требаше да замине во пензија, но добро е што ваквите грешки ќе се исправат одсега навремено и затоа сметам дека ова е добар проект и е во интерес на сите осигуреници. Ваквите извештаи до осигурениците ќе се испраќаат двапати годишно, што е и повеќе од доволно. По резултатите што досега ги видовме последните години нема такви неодстатоци затоа што започна електронското плаќање на придонесите, пропустите се случувале порано кога фирмите доставуваа М4 образци на крајот на годината и тие се собираа наеднаш во фондот на ПИОМ и настануваше голем хаос, особено кај поголемите компании и не се разгледуваа навреме, а со овој проект ваквите пропусти ќе се сведат на минимум. И до сега постоеше можност секој работник по сопствена иницијатива да отиде во Фондот и да го провери својот стаж, но сега во интерес на осигурениците сето тоа ќе биде средено институционално и секој работник ќе може во текот на годината двапати да го проверува својот стаж за осигурување, рече во изјава за Курир претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

И од Економско-социјалниот совет, како што посочи претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски во изјава за МИА, оцениле дека е потребно да се направат вакви измени со кои ќе им се помогне на работниците и на граѓаните да имаат ажурни податоци во делот на стажот на осигурување и плати за секој осигуреник.

-Со ваквата информираност на осигурениците се овозможува секој осигуреник благовремено да интервенира за средување на сопствениот стаж и врз основа на тоа ќе биде и пократок рокот за донесување на решение за остварување на право на старосна пензија, посочи Анифе Зекири од ПИОМ.

Доставувањето на прегледи со податоци од матичната евиденција на осигурениците за секој осигуреник кој е пријавен во задолжително социјално осигурување го врши Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, два пати годишно и тоа најдоцна до 15 февруари и најдоцна до 15 јули секоја година. Начинот на имплементација на овој проект кој е утврден како законско решение, започнува со доставување на податоци до обврзникот за пријавување на податоци, самовработеното лице или индивидуалниот земјоделец.

Во првата половина од оваа година, овие податоци се доставуваат преку работодавачот кој е и обврзник за доставување на податоци кои се водат во матичната евиденција на Фондот, а од јуни 2015 година ќе се овозможи електронски пристап во увидот на податоците.

За самовработените лица и индивидуалните земјоделци прегледите ќе се доставуваат на адреса која лицата ја доставиле при воспоставување на приемот во задолжително пензиско и инвалидско осигурување. Преку овој начин на информираност на осигурениците за податоците за стаж на осигурување и плати ќе се овозможи запознавање на осигурениците за нивните податоци за стаж на осигурување и плати; видот на осигурување; траењето на стажот на осигурување; дали има стаж на осигурување со зголемено траење и дали се плаќа придонес за стажот на осигурување со зголемено траење; работните часови на коишто е извршено пријавување во задолжително социјално осигурување; висината на основицата на која се плаќаат социјалните придонеси;

исправање на евентуалните нецелосни или погрешни податоци кои ги води Фондот на ПИОМ и контакт на којшто ќе може да се обратат за дополнителни информации или водење на постапка за коригирање на податоците.

Од 15 јануари 2015 година Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија достави податоци за стаж на осигурување и плати до 318.000 осигуреници. Доставувањето на податоците треба да заврши заклучно со 15 февруари 2015 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.