Со програмите на Владата за намалување на невработеноста досега вработени 2.883 млади лица

Александар Ѓорѓиев, портпаролот на Владата на Република Македонија, гостуваше во вестите на Канал 5 телевизија, каде говореше за владините мерки за намалување на невработеноста кај млади лица до 29 години.

Се работи за оглас кој е распишан и ќе трае до 22 август. Даваме поширок рок за да има поголем одѕив за да аплицираат младите. Содржи голем број мерки за различи категории на граѓани, но значајно е да се истакне дека има можност доколку млади невработени лица под 29 години и под евиденција на Агенцијата за вработување на Република Македонија, може во група да аплицираат во АВРМ и да се стекнат со право да користат финансиска можност да основаат бизнис за самовработување, истакна Ѓорѓиев.

Тој потенцираше дека опсегот на средства кои може да се добијат е од 7.000 до 23.000 евра, со што основниот кредитобарател добива 7.000 евра, а останатите четворица, кој е максималниот број на лица кои може да аплицираат, добиваат по 4.000 евра, со што се добива максималната сума од 23.000 евра.

-Рокот за поврат е 7 години со грејс период од 18 месеци и камата од 1% на годишно ниво, што е навистина исклучителна можност. Вториот аспект се однесува за компании кои веќе функционираат и имаат потреба за вработување. Доколку вработат лица под 29 години, може до максимум 3 лица да вработат и добиваат по 4.000 евра за секое лице со рок на поврат од 2 години, грејс период од 1 година и камата од 1% годишно, потенцираше портпаролот.

Досега 1.730 компании побарале вработување на 3.004 млади лица, а досега се вработени 2.883 млади лица под 29 години на цела територија, во секој град, од секаква образовна структура.

Ѓорѓиев изјави дека резултатите се одлични и ги надминале нивните очекувања.