Со радари ќе се подигне безбедноста на Охридското езеро

За побезбедна пловидба на се поголемиот број чамци, глисери и скутери во Охридското езеро, оваа сезона капетанијата ќе постави и пловидбени знаци и сигнални направи на брегот на  езерото, јавува Канал 5.

Ќе се изврши и маркација во  вода, со бови ќе бидат одбележани пловните патишта.

-Истите ќе служат да се одбележи оној простор кон средината на езерото каде можат да се движат оние пловни објекти безбедно не загрозувајќи ги капачите, бидејќи знаете дека големо внимание посветуваме на безбедноста на капачите, вели  Горан Устоијаноски раководител на Капетанија на пристаништа на РМ.

Со два радари ќе се следи состојбата низ целото езеро. Еден треба да биде поставен на Самоиловата тврдина, а другиот во локалитетот Градиште.

–  Тие ќе служат за набљудување односно маркирање на цели кога ќе се врши трагање по некои не дај боже исчезнати лица или други одредени дејствија интересни за инспекторите на капетанија, додава Устијаноски.

Пловидбени знаци ќе бидат поставени на пристаништата, во каналот Студенчишта  и на пристапните мостови на сите плажи. Преку нив наутичарите ќе се информираат во  кој дел смеат да впловат,  да застанат, да земаат или оставаат патници.

На овој начин конечно ќе се воспостави ред во внатрешната пловидба на Охридското езеро но и ќе се подигне безбедноста на капалиштата.