Со системското решение подостапна терапија за лицата со ретки болести

Благодарение на измените во Законот за акцизи, со кој се предвидува дополнителен еден денар по кутија купени цигари да се издвојува како средства исклучиво наменети за финансирање на ретки болести, ќе биде овозможено лекување на граѓани од оваа категорија, за кои претходно терапијата не била достапна во земјава, вели Весна Алексовска, претседател на Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со Предизвици“.

Алексовска додава дека со ова системско решение, кое претставува вистински новогодишен подарок и втора шанса за живот, терапијата станува подостапна за пациентите од оваа категорија, а ќе се лекуваат пациенти како со поевтина, така и со поскапа терапија.

Таа вели дека претпоставките се дека до крајот на идната година, ќе бидат собрани околу 5 милиони евра, односно околу 310 милиони денари, средства наменети за граѓаните со ретки болести во земјава.

Веста за ова системско решение пред три дена ја објави премиерот Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

-Предизвикот со лекување на пациентите со ретки болести е светски предизвик. Иако погодуваат 1 на 2000 лица, сепак тие засегнуваат голем број на лица и семејства, имаат големо влијание на животот… Наша задача е да се трудиме да бараме начини за надминување на предизвикот, да дадеме поддршка на семејствата, заедно да се бориме за здравјето на нашите сограѓани. Наше е да најдеме начин на финансирање на таа борба, со соодветен обем и на соодветен начин. Изготвивме системско решение, и по примерот на европските земји, со измени во Законот за акцизи, предвидуваме дополнителен еден денар по кутија купени цигари да се издвојува како средства исклучиво наменети за финансирање на лекување на ретките болести, односно средства за третман лекување на лицата со ретки болести во Република Македонија. Проекциите се дека тие средства ќе изнесуваат околу 250 милиони денари годишно. Да продолжиме да се бориме заедно, борбата на секој еден наш сограѓанин е борба на сите нас, напиша Груевски.