Македонија

Со средства на војската на САД реновиран Здравствениот дом во Гевгелија

Со средства на војската на САД реновиран Здравствениот дом во Гевгелија

Амбасадорот на САД во нашава земја Џес Бејли и министерот за здравство Никола Тодоров денеска присуствуваа на церемонијата по повод завршувањето на реновирањето на Здравствениот дом во Гевгелија, пренесува МИА.

Во рамки на проектот кој беше финансиран со 323.000 долари од Европската команда на Армијата на САД беше сменет покривот на Здравствениот дом во Гевгелија, уредена нова надворешна фасада, извршено целосно реновирање на Центарот за педијатриска нега, на Одделението за имунизација, како и на тоалетите на вториот кат во Здравствениот дом со што значително се подобри квалитетот на медицинската нега на граѓаните во поширокиот регион на Гевгелија.

– Ова што е тука направено беше повеќе од потребно и сакам да упатам искрени честитки на американскиот народ и САД за поддршката што ни ја даваат особено во делот на здравството. Ова е втор поголем проект финансиран од војската на САД, а првиот беше Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Сега се создадени подобри услови за давање поквалитетни здравствени услуги, подобра околина за работа на здравствените работници, но и за престој на пациентите. Очекувам дека ова ќе биде поттик за уште поголем квалитет и подобрување на здравствените услуги, како и на подобар пристап на давање на здравствените услуги на пациентите од регионот, рече Тодоров.

Американскиот амбасадор Џес Бејли изрази големо задоволство што присуствува на настанот во Гевгелија и им се заблагодари на сите претставници од институциите кои помогнаа за реализација на проектот. Голема благодарност изрази и за соработката што ја имаат со Владата на Република Македонија.

– Ова всушност е еден дел од нашата помош што ја даваме во здравството, а дел оди во образованието каде особено поддржуваме проекти кои се занимаваат со интеретничка интеграција на децата. Со тоа сакаме да има добри здравствени услуги во државата и добро едуцирани деца кои тука ќе продолжат да градат, истакна амбасадорот