Со странските инвестиции лани 6.700 вработувања

Нови 3.610 работни места ќе се отворат со реализацијата на најавените странски инвестиции од почетокот на годинава, а вкупно ќе бидат вложени 90 милиони евра. Лани влезот на странските инвестиции  во Македонија резултираше со нови 6.700 вработувања, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Груевски присуствува на денешната средба за текот на реализацијата на инвестициите во државава, што ја одржа во партиското седиште со надлежните вицепремиери, министри и раководители на институции.

Привлекувањето странски инвестиции, потенцира Груевски, е еден од најглавните приоритети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Вработувањето на 6.700 лица во минатата година значи дека 6.700 семејства за само една година се вработиле, имаат редовна плата и егзистенција.

Како што информира Груевски, во изминатите четириесет дена Владата имаше девет настани за реализација на странски инвестиции при што со четири компании беа потпишани договори, три почнаа со работа, една почна со градба на својот капацитет, а една објави одлука за инвестирање.

Од почетокот на 2016 односно во изминатите 40 дена имавме девет настани поврзани со странски инвестиции од кои четири компании потпишаа договор (Би-ер-џи од Индија, Џерман електроник од Германија, Џонсон Контролс од Америка и Ванхол од Белгија), три почнаа со работа (Технохозе од Италија, Икс трејд од Италија и фабриката за производство на чипс во Кравари, чиј инвеститор е Македонец повратник од Австралија), една компанија, германски Акомпласт почна со градба на капацитет, а уште една објави дека ќе инвестира во Македонија Кеслер од Германија. Со реализацијата на најавените инвестиции од почетокот на годината ќе се вработат 3.610 лица, а кога ќе бидат завршени инвестициите ќе изнесуваат 90 милиони евра, рече Груевски.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека од 2007 година до 2015 странските инвестиции изнесуваат 2 милијарди и 266 милиони евра, што е за 1,5 милијарда повеќе отколку во претходниот период.

Тоа се одразува и врз извозот. Во минатата година постигнато е рекордно ниво на извоз од милијарда и 472 милиони евра што значи дека 36 проценти од македонскиот извоз денеска го произведуваат странските инвестиции. Тоа е за 26 проценти повеќе во однос на 2014 година. Од година во година особено по 2009 и 2010 година има значителен раст на извозот. Секоја година отприлика има двоцифрени стапки на раст, рече Ставрески.

Ако не беа овие фабрики, посочи, македонскиот извоз сега ќе беше 36 проценти понизок отколку што е. – Сега имаме извоз од околу 4 милијарди евра, минатата година се надмина тој износ, а од којшто 1,5 милијарди е од зоните. Тоа е 36 проценти за само 4,5 години, а со оглед дека добар дел од овие фабрики допрва ќе го достигнат полниот потенцијал може да очекуваме раст на извозот и на вкупното производство, посочи Ставрески, оценувајќи дека во структурата на извозот е постигната промена со производи со додадена вредност, што се бараше долги години.

На средбата беше посочено дека еден од долгорочните ефекти што се очекува од странските инвестиции е домашните компании да станат нивен силен добавувач. Тоа може да се направи со снабдување на фабриките во зоните зашто треба да постигнат стандарди што ќе им овозможат да извезуваат и надвор од Македонија.

Бројот на такви добавувачи, посочи вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, расте постојано. Моментно над 500  компании со домашен капитал работат со компаниите во слободните економски зони. – Како што расте бројот на компаниите што ги носиме во зоните и не само во зоните, туку и надвор од нив, така ќе расте и овој број, но и бројот на вработени во тие компании, рече Пешевски посочувајќи го примерот со штипска Актива која со новата инвестиција на Ванхул како нивен добавувач најавува ангажирање на уште најмалку 150 лица.

Удел во одлуките на компаниите да инвестираат во Македонија имаа и амбасадите со што, како што рече Груевски, се демантираат критиките за големо ангажирање на дипломатијата на овој план. Последните две компании што дојдоа, благодарение на контакт на амбасадорите се Ди ерџи од Индија  и Џерман Електро мехатроник системс.

Според податоците на директорот на Дирекцијата на ТИРЗ  Виктор Мизо, само минатиот месец извозот од зоните е зголемен за 14 проценти, а се очекува раст на извозот од 15 проценти за цела година.

Активностите на дипломатите, наведе министерот за надворешни работи Никола Попоски, резултирале со инвестиции на осум фирми, а воспоставени се контакти со уште 11 коишто се во фаза на реализација.

Две работи направивме во изминатиот период, но кои се покажаа како исправни. Првата работа беше насочувањето на што е можно повеќе луѓе кои се во дипломатијата да ја работат онаа теренска работа за идентификување на фирми кои понатаму можеме ние да ги привлечеме и да бидат странски инвеститори тука и второ ја насочивме политиката на проширување на нашата дипломатска мрежа таму каде што цениме дека има потенцијал на долг рок да донесеме некој во Република Македонија. Економскиот развој и креирањето на работните места ќе бидат наш приоритет број еден. Затоа сигурно ова е политика која на долг рок носи резултати, нагласи Попоски.

Покрај дипломатите во привлекување странски инвестиции се ангажирани и 32 економски промотори кои активно на дневна основа работат на привлекување странски инвестиции во Македонија, но  и да помогнат македонските компании да остварат извоз. Воедно во секторот на  кабинетот на премиерот за нерезидентни промотори се ангажирани 12 лица кои по телефон, електронска пошта или учество на саеми и посета на компании прават сериозни обиди да привлечат странски компании.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.