Со три позначајни измени се подобруваат условите за проектот „Купи куќа, купи стан“

Со три позначајни законски измени ќе се подобруваат условите за учество во проектот „Купи куќа, купи стан“, а кои се однесуваат на зголемување на вкупниот приход на семејството за учество во проектот, да може да купат куќа или стан наследници на идеален дел од имот и можноста да се продаде стан и да се купи поголeма куќа и да се продаде куќа да се купи поголем стан.

„Станува збор за три позначајни измени, односно се зголемува приходот со кој се дозволува учество во проектот. Досега било да се работи за поединец, било за семејство, вкупниот месечен приход беше 900 евра, сега за брачна заедница  вкупниот приход е 1.300 евра при што за поединец останува приходот од 900 евра. Притоа, под приходот се подразбира само приходот од плата, а не дополнителни надоместоци“, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, додавајќи дека измената се однесува на тоа да може да аплицираат  лица кои наследиле половина или помалку од половина од имот.

„На пример двајца браќа или сестри кои наследиле куќа досега не можеа да учествуваат во проектот. Се бараше да склучат претходно договор, да се усогласат за условите така што одеше тешко и фактички не можеа да учествуваат во проектот“, рече Ставрески, кој нагласи дека сега им се дава можност на лицата кои по основ на наследство стекнале идеална половина или помалку од половина да можат да учествуваат во проектот и да не мора да го продаваат својот дел претходно.

Третата законска измена, како што рече тој, овозможува да се направи замена на стан за поголема куќа или куќа за поголем стан.

Со претходни измени, истакна Ставрески, се овозможи учество на лица кои сакаат да направат надградба на куќа со тоа што ќе им се пренесе правото на градба на оној што аплицирал за субвенционираниот кредит.

„Тоа се најкрупни измени кои веруваме дека ќе им излезат во пресрет на граѓаните и ќе им бидат од корист  и дека сите оние кои беа заинтересирани меѓутоа заради тоа што условите беа поинакви во тој дел не можеа да учествуваат“, изјави Ставрески.

Тој нагласи дека досега проектот наидувал на голем интерес од граѓаните.

„Имаме доделено 243 одобрени барања со вкупен износ од 1,5 милиони евра субвенции од страна на државата. Најмногу итнерес има во Скопје во општините Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром, потоа Струмица, Битола, Прилеп, Куманово и Гевгелија“, рече Ставрески, кој очекува дека со овие измени ќе се зголеми бројот на семејствата што ќе го решат прашањето на сопствен дом со овој проект.