Со употребата на автохтони семиња до сигурен пласман

Македонија да ги зачува автохтоните семиња, тие да бидат основа во земјоделството зашто гарантираат производство на одржлива храна со органолептички квалитет, без да се уништува и контаминира животната средина, без какво било влијание врз човечкото здравје, без употреба на вештачки ѓубрива, порачаа учесниците на синоќешната конференција што ја организираа младите од Слоу фуд Македонија, јавува МИА.

Како што беше речено, автохтоните семиња, од нашето поднебје, одгледувани најмалку 50 години, добиени со природно опрашување, не со хибридизација, се одлично прилагодени на средината, отпорни се кон се поактуелните климатски промени поради што овозможуваат економски рационална продукција со користење помалку вода.

Употребата на автохтони семиња значи и намалена зависност од увоз, како и сигурен пласман.

– Вистинската свест за она што е во чинијата почнува со првата алка во синџирот на исхраната – семето. За жал, ретко кој од нас се прашува како се создадени плодовите кои ги јадеме, од каде потекнуваат. Речиси никогаш не размислуваме за тоа. Не им паѓа на памет ниту на оние што редовно ги читаат декларациите на производите, ниту, пак, на луѓето кои имаат зеленчукови градини. Не знаат од  каде доаѓаат семињата кои ги користат, а главно се купени од трговската мрежа, истакна Ивана Поповска од Слоу фуд.

Според професорката Сузана Кратовалиева од Државната фитосанитарна лабораторија, мора да се зајакне одговорноста кон автохтоните семиња како природни ресурси. Нивното „враќање“ ќе значи препознатливост на македонскиот производ.

– Во процесот се засегнати сите, особено земјоделците, младите фармери и институциите, истакна Кратовалиева, укажувајќи на потребата размена на семиња пред се преку поврзување на производителите, поголема промоција и обезбедување адекватна помош за управување.

Професорката подвлече дека семињата се основниот елемент на суверинитетот на храната и гаранција за нејзината сигурност.

На конференцијата беа презентирани и светските искуства за т.н. солидарна размена на семиња што подразбира директен однос производител – потрошувач без какви било посредници. Во групата, потрошувачите кои имаат заедничка визија, се запознаваат и бараат земјоделци кои би им произвеле одредени семиња. Бенефитот е повеќекратен – продукцијата е планска, договорена, наменска и цената се одредува заеднички, во корист на двете страни. Како што информира Шенај Скендеровска од Слоу фуд млади Македонија, ваков тип здружувања има во Јапонија, Швајцарија, Германија, САД, Канада, Франција,…

Македонија моментно располага со 3.000 примероци автохтон семенски генофонд. На т.н. Арка на вкусови, пак, креирана од меѓународната Слоу фуд за заштита на агробиодиверзитетот, односно на традиционалните земјоделски производи во светски рамки, се наоѓаат и 15 македонски меѓу кои собра гравче, колешински кикиритки, планински чај од Галичица, калинки од Валандово.