Со владина поддршка ќе се отвораат продавници за македонско вино

Десет продавници за македонско вино ќе добијат поддршка од Владата со цел развој на оваа гранка, развој на туризмот, но и отворање на нови работни места.

„ Со цел дополнителна поддршка на винскиот стопански сектор, зголемување на промоцијата на македонското вино произведено од 81 регистрирана винарија во нашата земја, зголемување на внатрешната потрошувачка на македонски вина, збогатување на туристичката понуда, но и поддршката на економскиот развој, условите за водење на бизнис и отворањето на нови работни места, Владата започна со спроведување на проектот за отворање и работа на унифицирани и специјализирани продавници за вино“, рече денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Тој нагласи дека идејата за овој проект потекнува од бизнис заедницата, а е дизајниран и се спроведува во соработка во винариите во Македонија.

Од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е објавен јавен повик за доставување на барања за воспоставување и работа на овие унифицирани специјализирани продавници. Јавниот повик трае до 30 април 2014 година, а право да учествуваат имаат сите правни лица регистрирани согласно Законот за трговски друштва, Законот за угостителство и кои ќе ги исполнат условите согласно Законот за трговија.

„Финансиската поддршка на Владата ќе се однесува на покривање на следните трошоци за компаниите: Владата ќе покрие 50 отсто од трошоците за внатрешното опремување на продавницата, со исклучок на инвестициите за помошни и санитарни простории, но не повеќе од 1.000.000 денари по единица продавница. Владата ќе покрие 50 отсто од трошоците за закупнина за просторот во кој ќе функционира продавницата, и тоа во период од пет години, но не повеќе од 30.000 денари месечно или околу 500 евра месечно по единица продавница. Владата ќе обезбеди и плати за вработување на две лица во овие продавници и тоа во период од пет години, и тоа во висина од просечната плата по лице месечно, значи две просечни плати месечно по единица продавница“, додава тој.

За продавниците веќе претходно од страна на Министерството за земјоделство  шумарство и водостопанство беше презентирано и идејното решение за тоа како треба да изгледа ентериерот на овие продавници. Сите продавници кои ќе бидат финансирани во рамки на овој проект е потребно да бидат со квадратура од 30 до 100 метри квадратни и да имаат изглед согласно презентираното идејно решение на ентериерот, а пожелно е да бидат лоцирани во централните градски подрачја на наведените градови.

Во овој проект се офатени вкупно десет продавници од кои две во Скопје, а во Охрид, Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево по една  продавница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.