Со водени топови против жените во Индија

Индиската полиција употребила воден топ за да ги растера стотината жени кои протестирале поради насилството над жените во Северниот дел на Индија, каде две тинејџерки беа силувани, па убиени минатата недела.

Жените денеска протестирале пред канцеларијата на највисокиот функционер во државата, Утар Прадеш со барање главниот министер, Акилеш Јадав да преземе мерки поради зголемениот број на напади врз жени и девојки.

Тие побарале, властите да преземат акција поради недоволната ангажираност на полицијата по повод нападите, што, како што сметаат, го охрабрува насилството над жените, пренесува АП.

Полицијата не преземала ништо кога таткото на една од девојките го пријавил нејзиното исчезнување, заедно со нејзината братучетка. Полицијата отпуштила двајца службеници, откако девојките се пронајдени силувани и обесени на дрво.