Со ждрепка Амстердам е новото седиште на ЕМА

Амстердам во понеделникот вечерта е избран за новото седиште на Европската агенција за лекови (ЕМА), коешто поради истапувањето на Велика Британија од Европската унија мора да се пресели од Лондон, а победникот го одреди ждреб откако овој холандски град и и италијански Милано во третиот круг добија ист број гласови.

Третиот круг од гласањето заврши со сооднос 13:13, што значи дека една земја била воздржана. Во првиот круг најмногу бодови доби Милано – 25, а Амстердам и Копенхаген по 20. Братислава со 15 бодови како четврта испадна во првиот круг, а зад неа беше Барселона со 13 бодови.

Во вториот круг отпадна Копенхаген, Милано доби 12 гласови со што уште два гласа му недостигаа за мнозинство, а Амстердам доби 9 гласови.

И Амстердам и Милано беа меѓу најпосакуваните дестинации за вработените во Европската агенција за лекови, коишто се закануваа дека ќе ја напуштат работата доколку седиштето на ЕМА го добие некој помалку атрактивен град. Формално нивниот глас не смееше да се зема предвид, но заминувањето на поголем број стручњаци би го довел во прашање непреченото продолжување на работата на агенцијата веднаш по преселувањето.

За седиштето на ЕМА се кандидираа вкупно 19 градови, но пред гласањето се повлекоа Загреб, Даблин и Ла Валета.

Советот на Европската унија не се придржуваше до изјавата на Европскиот совет од 2003 година според којашто новите агенции треба да одат во новите членки на ЕУ. Тоа е направено со образложение дека овојпат не станува збор за нова агенција, туку за ново седиште на веќе постојна агенција.

Со тоа не се согласија мнозинството нови членки, а меѓу нив беше и Хрватска, којашто е една од петте земји во ЕУ во којашто нема ниедна агенција. Гласањето беше извршено на маргините од состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, кој го сочинуваат министрите за надворешни или за европски работи на земјите членки.
По изборот на седиштето на ЕМА, ќе се пристапи и за избор на седиште за Европското надзорно тело за банкарство (ЕBA), за коешто има осум кандидати: Брисел, Варшава, Виена, Даблин, Луксембург, Париз, Прага и Франкфурт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.