Собир на екстремните десничари во бугарската престолнина

Стотици екстремни десничари се собраа во саботата вечерта во бугарската престолнина Софија носејќи факели оддавајќи му почест на генерал во Втората светска војна, познат по тоа што ја поддржувал тогашна нацистичка Германија.

Таканаречениот „Марш Луков“, со кој повеќе од десет години секоја година му се оддава почест на поранешниот генерал и министер на војната Христо Луков, кого во февруари 1943 година го убиле партизаните антифашисти, се одржа и покрај настојувањата на бугарските власти да го забранат. Градоначалничката на Софија, Јорданка Фандаков од владејачката партија на десниот центар ГЕРБ, го забрани одржувањето на поворката, но судот ја отфрли таквата забрана.

Светскиот еврејски конгрес, амбасадите на САД и на Русија, бугарската влада како и опозициските социјалисти го осудија одржувањето на оваа поворка.

„Генералот Христо Луков бил приврзаник на нацизмот кој ширел омраза и неправда, па не е некоја личност којашто би заслужувала длабокото почитување“, се наведува во соопштението што го објави амбасадата на САД во Софија, којашто од 1-ви јануари го презема шестмесечното претседателството со Европската унија.

Луков го водел екстремното десно крило на Сојузот на бугарските национални легии во 1930-те години до неговата смрт, и бил министер на војната од 1935 до 1938 година. Кралството Бугарија е сојузник на нацистичка Германија од 1941 до 1944 година.

На манифестацијата, како што пренесуваат светските агенции од Софија, учествувале и повеќе десетици припадници на екстремната десница од разни европски земји, во прв ред од Германија, Шведска и Естонија.

Така, Швеѓанецот Роберт Еклунд, од Движењето на нордискиот отпор, изјавил дека дошол во Бугарија „за да се бори против заедничкиот непријател: мултикултурализмот, глобализацијата и Европската унија“, и додава дека „сака да се запре антиевропската имиграција“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.