Соботка: ЕУ да ги поддржи земјите од Западен Балкан

Европска унија мора да им пружи поддршка на земјите од Западен Балкан кои не се членки на ЕУ, за да им помогне во справувањето со бранот мигранти, кои од северна Грција се движат кон срцето на Европа, изјави денеска чешкиот премиер Бохуслав Соботка.

Во интервју за Ројтерс, чии делови пренесува ТАНЈУГ, Соботка ги пофали земјите од Западен Балкан кои преземаа мерки да го запрат неконтролираниот бран на луѓе кои преку нивните територии „бегаат во ЕУ од војна и сиромаштија на Блискиот Исток и во Африка“.

– Денес ситуацијата е таква што земјите од Западен Балкан се подготвени да ја контролираат миграцијата и Европа мора недвосмислено да ги поддржи во тоа, посочи Соботка.

ЕУ на 7 март со Турција ќе одржи вонреден состанок на тема бегалска криза, а на 18 и 19 март ќе уследи редовен состанок на Европскиот совет на иста тема.

Соботка наведе и дека ја разбира минатомесечната одлука на Австрија, осудена од страна на Грција и Германија, да го ограничи бројот на мигранти кои влегуваат во земјата. Таквата одлука предизвика домино ефект на затворање на границите долж балканската рута и зголемување на бројот на мигранти во Грција до над 30.000 луѓе.

Тој посочи дека Австрија всушност го применила „Планот Б“ за ограничување на бранот мигранти, идеја пртетходно предложена од Вишеградската група.

Соботка повика на примена на дополнителни мерки, вклучително и обезбедување на поголема помош за Грција, со оглед дека мигрантите не можат повеќе слободно да патуваат кон Северна Европа.

– Германија не сака Грција да биде занемарена, а ниту јас тоа го сакам. Ги разбираме последиците од затворањето на балканската рута по Грција и Грција мора да добие најголема можна помош, истакна Соботка.

На прашањето за германското противење на затворањето на границите, Соботка наведе дека Австрија и Германија ги пополниле капацитетите за прием на бегалци и оти верува дека Берлин порано или подоцна ќе ги поддржи мерките на земјите од Западниот Балкан.