Соботка: Македонија е подготвена за НАТО и ЕУ

Чешкиот премиер Бохуслав Соботка оцени дека Македонија во голема мерка е подготвена за интегрирање во НАТО и во Европската Унија и дека Европската Комисија би морала да преземе поактивна улога за надминување на спорот за името, со кој Грција ги попречува македонските интеграции.

Соботка ова го изјави при неговиот настап во Советот за надворешни односи во Вашингтон, каде зборуваше за 25 – годишнината од падот на комунизмот во Чешка.

– Доколку ја погледнеме ситуацијата на Балканот, факт е дека регионот е многу постабилен отколку што беше пред 15 години, има голем напредок, многу од земјите се интегрираа во Европската Унија и НАТО, а земјите кои се уште не се интегрирани се на пат, чекор по чекор кон членство. Но, има земји за кои ситуацијата е покомплицирана, и Македонија е меѓу нив. Според мене, Македонија е во голема мерка подготвена за интегрирање во северно-атланските структури и во Европската Унија, но тука е конфликтот со Грција, и ставот на Грција, која е членка на НАТО и на ЕУ. Верувам дека важна улога на Европската Комисија ќе биде да обезбеди дијалог меѓу Македонија и Грција и мислам дека Европа може да одигра витална улога во решавањето на овој конфликт и да и помогне на Македонија да се интегрира. Јас високо ценам како Македонците успеаја да ги стабилизираат своите односи со албанското малцинство и мислам дека овој соживот може да послужи како многу добар пример, за тоа како повеќе етнички групи можат да живеат заедно, рече премиерот Соботка одговарајќи на прашање на претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Колоски, за неговите очекувања за балканскиот регион, пренесе МИА.

Колоски во своето прашање потсети дека догодина се навршуваат 20 години од потпишувањето на Времената спогодба меѓу Македонија и Грција, и праша како Чешка и Европската Унија може да помогнат да се надминат се уште отворените прашања во регионот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.