Соботка: Мора да му помогнеме на Западен Балкан да се справи со мигрантската криза

Чешкиот премиер Бохуслав Соботка изјави денеска во Прага дека Европа нема да успее да се избори со безбедносни закани како што се терористички напади и миграциски бран ако не формира своја армија.

Соботка на редовно годишно советување со чешки амбасадори побара поголема помош за држави од поранешна Југославија на балканската рута.

– Сега државите од поранешна Југославија земаа врз себе голем дел од бремето на актуелната миграциска криза и во наш интерес е тој испит да не ја наруши стабилноста на регионот, нагласи Соботка.

Тој рече дека државата во рамки на Вишеградската четворка настојува да им помогне на држави од Западен Балкан не само хуманитарно туку и со испраќање полицајци и опрема да ги обезбедат границите пред миграцискиот бран.

Чешка според него, ќе продолжи да бара и ефикасна помош и координација со држави од Западен Балкан и од ЕУ.

– Искуствата со сегашниот миграциски бран покажуваат колку се важни надворешните европски граници. И државите во центарот на Европа соочени со неконтролирано движење на луѓе увидоа дека е неопходна ефикасна заштита на надворешните граници. Уверен сум дека долгорочно нема да можеме без заедничка европска армија, наведе Соботка.