Собрание: Расправа за изборот на Андонов за министер за внатрешни работи

Собранието на Република Македонија попладнево расправа по предлогот на Владата, Оливер Андонов да ја врши функцијата министер за внатрешни работи, откако денеска оставка на ова место поднесе досегашниот министер Митко Чавков.

Премиерот Емил Димитриев, образложувајќи го предлогот, рече дека од биографијата на Андонов може да се види дека целосната негова кариера е во сферата на одбраната и безбедноста.

-Се работи за поранешен припадник на АРМ, потоа на МВР, а во делот на науката, сите негови постдипломски и докторски студии се во областа на безбедноста. Се работи за човек кој покрај тоа што работел во МВР, со својот научен кредибилитет и постигнувања во безбедноста ќе даде максимум за што е можно попрофесионално извршување на функцијата министер за внатрешни работи, рече  Димитриев.

Тој додаде дека Владата смета и на досегашниот министер за внатрешни работи Митко Чавков кој има професионално искуство во МВР и планира да биде на една од клучните позиции во овој ресор.