Македонија,Политика

Собранието даде зелено светло за Предлог-законот за катастар на недвижности

Собранието даде зелено светло за Предлог-законот за катастар на недвижности

Собранието во попладневниот дел од осмата седница констатира дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности, во прво читање е прифатлив и дека може да се даде на натамошно читање.

Mинистерот за правда Аднан Јашари образложи дека се предвидува воведување регистар на цени на пазарот, електронски шалтер на Катастарот и додаде оти граѓаните во текот на 24 часа ќе можат да прибираат информации што им се потребни. Исто така се воведуваат глоби и санкции за геодетските фирми.

Со предложените измени, како што рече, се предвидува, сите заинтересирани кои во иднина сакаат да се стекнат со звањето овластени геодези да полагаат правосуден испит по електронски пат.

„Врз основа на овие измени, овозможуваме пристап во Катастарот не само на нотари, адвокати, геодетски компании туку и на значајни органи, како што се судовите, министерставта, извршители…“, рече Јашари.

Тој истакна дека со измените на Законот за катастар се предвидува примателите на социјална и постојана парична помош и лицата со ниски примања, бесплатно да ги легализираат дивоградбите.

Пратениците расправаа за Предлог-законот за дополнување на Кривичниот законик, во прво читање и констатираа дека може да се даде на натамошно читање.

„На 10 април 2013 година Собранието на Република Македонија го донесе Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Во овој закон беше изменет членот 232, кој се однесува на „неовластено производство, постапување и промет со опасни материи или штетни организми“. Со оваа измена се врши усогласување со Законот за семенски и саден материјал за замјоделски растенија и со Законот за здравјето на растенијата“, рече министерот Јашари.

Пратениците ја почнаа расправата за Предлог-законот за прекршоците, во прво читање. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски најави дека оваа седница ќе продолжи утре во 14 часот.

Во претпладневниот дел од денешната седница на законодавниот дом поддршка во прво читање добија Предлог-законот за спортска академија и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија.