Собранието денеска ќе расправа за интерпелацијата на Тодоров

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја започне 80-та седница на која на дневен ред е интерпелацијата за работата на министерот за здравство Никола Тодоров, поднесена од пратеничката група на СДСМ.

Опозицијата побара смена на министерот Тодоров поради, како што се наведува во барањето за интерпелација, системските проблеми и хаосот во здравството што резултира со трагични последици врз граѓаните и врз пациентите. Тодоров, според нив треба да понесе одговорност за несоодветното и нестручно управување со здравствениот систем, со ресурсите, немањето стратегија за развој…

Во одговорот на интерпалецијата, објавен на собранискиот сајт, министерот Тодоров наведува дека во болниците во Македонија во тек е инвестициски циклус во износ од 150 милиони евра и оти досега се реализирани проекти во повеќе болници и амбуланти во земјата. Се работи и на заканување на специјалностите во медицинските центри надвор од Скопје, а нова медицинска опрема е набавена и инсталирана во речиси сите здравствени установи во државата како што се универзитетските клиники, општи, специјални болници и здравствени домови. Вкупно досега, како што наведува Тодоров, се инвестирани над 100 милиони евра за набавка на нова најсовремена медицинска опрема.

На дневен ред на оваа седница е и Предлог на законот за вработените во јавно-обвинителската служба на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по скратена постапка, дополнување на Законот за енергетика, на Законот за данокот на додадена вредност, на Законот за регистрирање на готовиснки плаќања, сите во прво читање, поднесени од пратеничката група на СДСМ и опозицијата.

Пратениците треба да се изјаснат и за дополнувањето на Законот за трговски друштва, на Законот за иновациска дејност, на Законот за здравствена заштита, сите во прво читање, за измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, измените на Законот за градежно земјиште, како и измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските средства, сите по скратена постапка, поднесени од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата. Меѓу 40-те точки на 80. седница се и законите за дополнува и измена на законите за платите на судиите и на јавните обвинители.

На дневен ред на оваа седница се и неколку одлуки и автентични толкувања.