Собранието донесе неколку закони по скратена постапка

Собрание денеска ја заврши општата расправа по измените и дополнувањата на неколку закони кои се носат по скратена постапка, а за кои гласањето е одложено за седницата в понеделник поради немање кворум.

За измените и дополнувањата на Законот за основање Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, по скратена постапка, Горан Сугаревски од СДСМ оцени дека нема да придонесат за подобрување на администрацијата. Ги издвои дополнително воведените критериуми за познавање англиски јазик и компјутери, кои, вели, воопшто не влијаат на стручноста на вработените во администрацијата.

„Дел од измените се прифатливи, но поради немањето никаква логика нема да дадеме поддршка на овие закони“, рече Сугаревски.

На тоа Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека е потребно државата да се отвори и да комуницира со странски пазари и на тој начин да се обезбедува благосостојба на граѓаните, а за таа цел потребно е да има услужна јавна администрација, која ќе може да го следи бизнисот.

„Ако концептот на македонските фирми треба да е отвореност кон странство и ако сме сите свесни дека без извоз не може да се обезбеди опстој на тие фирми и благосостојба на граѓаните, тогаш минималното што треба да го имаат оние кои работат во јавна администрација е познавање еден странски јазик, во случајот англискиот“, рече Николоски.

Расправата по измените на Законот за основање Македонска академска истражувачка мрежа, исто така по скратена постапка, ја отвори пратеничката од СДСМ Весна Бендевска која посочи дека единствената новина што ја носи овој закон е воведувањето задолжителен психолошки тест и тест за интегритет за директорот на оваа мрежа. Тоа е, вели, новината и во над стоте закони што треба да се донесат по скратена постапка во рамки на оваа собраниска седница, а целта, според неа, е бизнис, бидејќи секој државен службеник, државен секретар и директор вработен во администрацијата за овој тест ќе треба да платат по 1.950 денари.

Пратениците изгласаа дел од предлог законите по скратена постапка за кои беше завршена општата расправа, а кои ќе одат во процедура во второ и трето читање. Донесени беа измените и дополнувањата на Законот за државен пазарен инспекторат, дополнувањата на Законот за метрологија, измените на Законот за основање Агенција за промоција и поддршка на туризмот и измените и дополнувањата на Законот за Геолошкиот завод на Македонија.