Собранието донесе одлука за самораспуштање

Собранието вечерва донесе одлука за самораспуштање за да се одржат предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година. „За“ одлуката гласаа 72 пратеници, шест беа воздржани и еден против.

Предлогот денеска да се расправа за одлука за самораспуштање, која ќе стапи во сила одложено, од 24 февруари 2016, го потпишаа 68 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Го образложија пратениците Илија Димовски и Талат Џафери.

Според нив, со одлуката за самораспуштање тие остануваат доследни на договорот од Пржино од  5 јуни  и 15 јули 2015, кога беше договорено терминот на  изборите да биде на  24 април. Против овој датум е СДСМ – една од четирите партии кои учествуваа на договорите во Пржино.

Пратениците од СДСМ не учествуваа на расправата. Ја напуштија зашто партијата бара одложување на изборите. Ѓорѓи Сугаревски рече дека нема да учествуваат додека не се прочисти избирачкиот список и додека не се изврши регулација на медиумите. Опозициската партија нив ги смета за два клучни услова за да се организираат предвремени избори на 24 април 2016.

По изгласувањето на Одлуката, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски најави нова седница вечерва од 22 часот, на која ќе се избира преодна Влада на Република Македонија. На седницата експозе ќе има мандатарот Емил Димитриев кому претседателот Ѓорге Иванов вечерва му го врачи мандатот за премиер и состав на преодната Влада.