Македонија

Собранието ги донесе измените на законите за јавни патишта, за превоз на опасни материи и за катастар

Собранието ги донесе измените на законите за јавни патишта, за превоз на опасни материи и за катастар

Собранието на Република Македонија денеска на продолжение на 54. седница по општата расправа донесе заклучок дека предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта и на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, се прифатливи и може да се дадат на второ читање, пренесува МИА.

Целта на измените на Законот за јавните патишта, според заменик министерот за транспорт Ниметула Халими, е зголемување на нивото на безбедноста на патиштата, како и избегнување на недореченостите околу регулирање на надлежноста за одржување на јавните патишта. Се врши и услогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ за што се имплементира директивата 2008/96/ЕЗ за управување со безбедноста на патната инфраструктура.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Слаѓана Митовска информира дека со предложениот закон, меѓу другото, од плаќање патарина се ослободува и категоријата лица со над 90 проценти оштетен слух со потврда за членство од Националниот сојуз за глуви лица.

Независната пратеничка Солза Грчева ја критикуваше состојбата на македонските патишта, што, според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, е неиздржано. Од 2006 година, посочија, досега се изградени и се во тек бројни проекти за изградба и обнова на автопати, експресни, регионални и локални патишта.

За пратениците е прифатлив и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности, и може да се даде во понатамошно, второ читање. Како што појасни заменик-министерот за правда Билјана Бошковска-Бришковски, целта на измените, меѓу другото е да се утврди надлежноста на Агенцијата за катастар на недвижности за прибележување на привремените мерки коишто се донесени во кривична постапка без надомест. Потоа, појасни, се наметна потребата Агенцијата без надомест да врши запишување во катастарот на недвижности врз основа на судски одлуки коишто се донесени во кривична постапка пред надлежните судови со кои се одлучува за гаранциите со хипотеки на недвижен имот и врз основа на судски одлуки за привермено одземање или пак обезбедување на недвижниот имот. Дополнителните измени во оваа насока е да се пропише надлежноста на Агенцијата за катастар на недвижности без надомест да го врши премерот во функција на запишувањето на недвижиностите сопственост на РМ, премерот и одржувањето на државна граница, геодетските работи за посебни намени што се поврзани со ажурирањето на геодетските подлоги во функција на планирање на просторот како што се оние коишто се предвидени со годишна програма за финансирање на изработка на урбанистичките планови, регулациони планови на генерални урбанистички планови.