Собранието ги донесе уставните измени

Со 82 гласови „за“, шест „против“ и еден воздржан, Собранието ги донесе уставните промени.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот со двотретинско мнозинство стапува на сила веднаш.

За најдоцна 10 дена, Владата ќе треба да подготви и до Собранието да достави нацрт текст со амандмани на Уставот.

Согласно измените, бракот се дефинира како заедница меѓу маж и жена, се прецизираат фискалните правила во буџетот со ограничување на буџетскиот дефицит од три проценти и на јавниот долг од 60 отсто од БДП, а Народната банка се преименува во Банка на РМ.

Се воведува и уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промени на надлежноста за одлучување на одлуките по жалба на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд, и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање уставна можност за формирање финансиска зона, како и дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

Во текот на дискусијата, поддршка на измените, освен пратениците од владејачкото мнозинство, дадоа и Рафиз Алити од ДУИ, Стојан Миланов од Социјалистичка партија, Кенан Хасип од Демократска партија на Турците,…

ДПА гласаше против.

Со поддршката на уставните измени, исцпрен е дневниот ред на денешната деветта седница. Собранието продолжува со работа утре.