Собранието ги изгласа измените на Законот за азил

Пратениците во рамките на 56-та седница ги донесоа измените на Законот за азил и привремена заштита, кој меѓу другото предвидува регуларен престој  на мигрант од 72 часа по што ќе мора да ја напушти земјава или да побара азил.

Пратеникот Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави инцијативата на Владата за измените во Законот за азил затоа што, како што рече, се работи за сериозна хуманитарна криза, која не е само регионален туку и глобален проблем.

Пратеникот Павле Трајанов од ДС истакна дека е добро што Македонија обезбедува услови да се прифатат мигрантите и што им се нуди простор од три дена да се одлучат дали ќе побараат азил или ќе ја напуштат држават. На овој начин, рече Трајанов ќе се избегне хуманитарен проблем, но, вели, треба да се има предвид безбедносниот аспект на оваа хуманитарна катастрофа за која решенија бараат и ЕУ како и идруги земји.

– Добро е што мигрантите нема да бидат расфрлани по целата држава и нема да претставуваат опасност за државата. Ќе имаме точна контрола кој влегол во земјата, рече Трајанов и предупреди дека сепак е потребна претпазливост.

Според независната пратеничка Солза Грчева, законот претставува прв чекор кон подобрување на состојбата со мигрантите, но дека тоа не е доволно. Добро е што ќе се контролира кој влегува во државата, смета таа. Имајќи ја предвид состојбата во Прифатниот центар во Гази Баба, Грчева побара тој да биде затворен и да се отворат други прифатни центри.

Со Законот се предвидува странецот на граничен премин или во внатрешноста на земјата да може усно или писмено пред овластен полициски службеник да искаже намера за поднесување барање за признавање на правото на азил по што полицискиот службеник ќе треба да изврши евиденција на странецот, да го информира и да го упати дека во рок од 72 часа може да го поднесе барањето за признавање на правото за азил пред надлежните органи.

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков, образложувајќи го законот, истакна дека измените на законот се прават поради зголемениот број мигранти кои транзитираат низ државата. Измените, додаде тој, ќе придонесат за поголема безбедност и намалување на ризиците на мигрантите, а МВР ќе добие посоодветна евиденција за лицата кои влегуваат во државата.

– Само во последниве неколку недели на преку 25 илјади лица кои биле забележани во близина на нашата територија им било укажано да се вратат, односно да останат на грчка територија од каде и се обидувале нелегално да влезат во земјава. Голем број мигранти успеваат да ги одбегнат патролите, но затоа фрапантно е зголемувањето на бројот на илегални мигранти во внатрешноста на земјата посочи Чавков.

Тој додаде дека во првите пет месеци од годинава во споредба со истиот период минатата година се откриени најмалку три пати повеќе илегални мигранти, а предвидувањата се дека овој тренд на зголемување ќе продолжи. Паралелно со ова, рече Чавков, расте и бројот на лица кои треба да се сместат во прифатните центри и за кои само за првите пет месеци од годинава се потрошени околу седум милиони денари од буџетот на Министерството за внатрешни работи.

– Сето ова укажува на сериозноста на ситуацијата и проблемот со којшто се соочуваме. Факт е дека проблемот не е со потекло од Република Македонија. Проблемот кај нас, за жал, е пренесен од нашиот јужен сосед, истакна Чавков.

Жители на земји од Блискиот исток како Сирија, Иран и Авганистан и други, кои сакаат да стигнат до земјите од Западна Европа, секојдневно илегално ја поминуваат границата со Република Грција и влегуваат на територијата на Република Македонија. Илегалните мигранти територијата на земјата ја минуваат пеш или со велосипед, бидејќи не смеат да користат воз или јавен превоз. Мигрантите во изминатите месеци се движеа и долж железничката пруга, каде се случија неколку несреќи. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.