Собранието ги поддржа измените на Законот за безбедност на храна

Собранието ги поддржа измените на Законот за безбедност на храна. Собранието на Република Македонија денеска на продолжение на 43. седница го поддржа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна, во прво читање.

Со Предлог законот се врши усогласување на домашната со регулативата на ЕУ и се допрецизираат одредбите за информациите за храната кои треба да се обезбедат за крајните потрошувачи, како и одговорностите на операторите со храна за информациите поврзани со содржината на храната, односно нејзиното означување. Разработена е проблематиката за нутритивните и здравствените тврдења, општите здравствени тврдења, како и здравствените тврдења за намалување на ризикот од болест и здравствени тврдења кои се однесуваат на растот и развојот на децата и нивното здравје, додатоците на исхрана, храна за посебна нутритивна употреба и збогатена храна.

Меѓу другото, со законските измени е предвидено да се формира Комитет за внатрешна ревизија на официјалните контроли, а со цел независен надзор на внатрешната ревизија на официјалните контроли. Се уредува работата на лабораториите за вршењето на лабораториски испитувања и анализа на храната и храната за животни како и материјалите и предметите што доаѓаат во контакт со храната. Со измените се обезбедува и правна рамка за воспоставување на национален совет за безбедност на храна и храна за животни, како и воспоставување мрежа за собирање податоци и база на податоци.

Храната, истакнаа пратениците, не смее да се стави во промет доколку е небезбедна. Првенствено, укажаа пратениците, бенефит ќе имаат граѓаните како потрошувачи затоа што ќе знаат што содржи храната која ја купуваат, а корист ќе имаат и компаниите затоа што соодветно спакуван производ со декларација е поатрактивна понуда на пазарот.

Според пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Соња Талевска во законот е регулирано дозволеното количество на витамини и минерали и други додатоци во храната кои мора да бидат видно и јасно обележани при нивното купување на нивната амбалажа.

-Секојдневно се соочуваме со концентрирани хранливи материи кои можат да делуваат позитивно или негативно врз здравјето на луѓето доколку не се користат правилно. Битно е означувањето и за важноста до кога е можно да се користи производот, земјата на потекло, концентрациите, наведе Талевска, истакнувајќи дека за безбедна и здрава храна е потребен координиран пристап од повеќе надлежни институции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.