Собранието ги верификуваше мандатите на 123 пратеници

Собранието на Република Македонија со 86 гласа „за“ денеска на конститутивната седница ги верификуваше мандатите на сите 123 пратеници избрани на предвремените парламентарни избори одржани на 27 април.

Претседателот на Комисијата за верификација на мандатите, Александар Николовски, повикувајќи се на конечниот Извештај на Државната изборна комисија од спроведените предвремени парламентарни избори, на Изборниот законик, Законот и Деловникот на Собранието, предложи Парламентот да ги верификува мандатите на сите 123 пратеници, иако СДСМ и НДП најавија не прифаќање на мандатите и изјави на нотар.

– Согласно член 13 од Деловникот на Собранието надлежност е на Верификационата комисија врз основа на Извештајот на ДИК за избор на секој пратеник да поднесе писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник пооделно. Во случајов согласно Извештајот на ДИК неспорно пратениците на коалицијата СДСМ, НСДП, ЛДП, ОМ, Партија за движење на Турците на Македонија, ПЦЕР, Српска странка во Македонија, Демократски сојуз на Власите и Санџачка лига и пратеникот на Национална демократска преродба се избрани за пратеници на предвремените избори одржани на 27 април. Исто така согласно член 65 став 5 од Изборниот законик за секоја кандидатура е потребна писмена согласност односно изјава на кандидатот која е отповиклива. Во Уставот на Република Македонија, во Законот за Собрание и во Деловникот не е предвидена одредба избран пратеник да има право да даде изјава со која не прифаќа да му биде верификуван мандатот. Во Уставот и во Законот за пратениците е утврдено дека мандатот на пратениците го верифиува Собранието и дека мандатот на пратеникот почнува да тече од конститутивната седница односно од денот на верификација на мандатот, изјави Николовски. Ги прочита имињата на сите 123 пратеници чии мандати ги верификувала комисијата и му предложи на Собранието да го стори истото.

Од 123 избрани пратеници на конститутивната седница присуствуваат 88. На неа не присуствуваат 34 од СДСМ и коалицијата и еден избран пратеник од НДП.

Собранието избра членови на Комисијата за прашање на изборите и именувањата чиј претседател е Зоран Илиоски, а членови се Силвана Бонева, Лилјана Затуровска, Благоја Деспотовски, Даниела Рангелова, Фатмир Имеровски, Љупчо Димовски, Џевад Адеми, Ермира Мехмети и Имер Алиу, кои треба да предложат претседател на Собранието. Претседателот на Собранието се избира со 62 гласа.

На членовите на Владата кои се избрани за пратеници им престануваат функциите, но заради обезбедување на континуитет во работата тие ќе ги извршуваат овие функции до изборот на новата Влада.

Извор:МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.