Собранието го донесе последниот закон за старт на проектот „Македонија вработува“

За десетина дена ќе почне реализацијата на проектот „Македонија вработува“. Последното законско решение кое ги овозможува поволностите за невработените лица и за приватните компании денеска го поддржа пратениците и треба да стапи на сила по објавување во Службен весник, пренесува МИА.

– Предложените измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување е практично последниот закон од пакетот законски измени кој ќе овозможат стапување во сила на проектот „Македонија вработува“, со кој ќе се опфатат над 150.000 лица кои ги исполнуваат условите и би можеле побрзо да најдат работа, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, образложувајќи ги измените и дополнувањата.

Тој појасни дека со проектот се создаваат можности за голем број граѓани кои во моментов се помалку конкурентни на пазарот на труд и имаат помалку можности да стигнат до работа или поради транзицијата останале без работа ден денес. – Со овој проект, како што додаде, овие повозрасни лица ќе добијат можности да најдат работа во приватните компании, кои како никогаш досега имаат значитлно намалени трошоци за ангажирање работници.

Додаде дека за нешто повеќе од една година преку мерките за вработување млади лица се вработија 8.000 во приватните компании, сега со овој пакет се очекува во период од една години, да се вработат околу 20.000 лица кои не оставруваат редовна плата и ќе добијат можност да се стекнат со работа. – Тоа, според него, значи 20.000 семејства да ја подобрат својата материјална состојба.

Со мерките сериозно олеснување ќе добијат компаниите кои ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси за вработување на лица од утврдените категории.

– Овозможуваме олеснување кое може да се движи до околу 2000 евра годишно, односно 10.000 евра за пет години. Ослободување и намалување на трошоците за секоја приватна компанија која ќе вработи лица врз основа на овие мерки, рече Спасов.

Со мерките се предвидува за вработување лица до 35 години компанијата да биде ослободена од плаќање социјални придонеси и персонален данок три години со обврска да го задржат вработеното лица уште една година.

Со овие мерки се отвораат можности за оние помладите до 35 година секоја приватна компанија ќе биде ослбодена на социјални придонеси и персонален данок три години, со обврска да го задржат вработеното лице уште една година. За вработување на лица од 35 до 50 години ќе бидат ослободени пет години и обврска една година да го задржат невработеното лица, како и пет години ослободување за приватните компании за вработување лице над 50 години и за највозрасните над 58 години ослободување до стекнување услови за старосна пензија.

Министерот потенцира дека со пакетот законски мерки се предвидени и заштитни механизми за вработените за тие да не стравуваат дека ќе го загубат работното место.

Според Спасов со користењето на понудените поволности од страна на приватните компании ќе се влијае и на намалување на бројот на невработените.

Пратениците ги поддржаа предложените измени, кои според Благородна Бојаџиева имаат цел да обезбедат социјална сигурност и социјално осигурување на граѓаните.

Собранието на денешното продолжение на 43. седница денеска ги донесе и измените и дополнувањата на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија со кој се прецизира начинот на продажба и давање под закуп на предметниот деловен простор.

Измените се однесуваат на времетраењето на проценката која беше спротивна на Законот за проценка, како и тоа дека и продажбата и давањето под закуп ќе се врши врз основа на пазарната вредност на деловниот простор.

На седницата беа поддржани повеќе измени и дополнувања на закони со кои се врши усогласување со Законот за административни службеници, а се однесува на можноста за унапредување на вработените и за пролонгирање на рокот за познавање и обезбедување сертификат за странски јазик и компјутерски програми.

Поради неисполнети услови не беа разгледани предлозите за измените и дополнувањата на законите за судска служба и за извршување на санкциите, како и Годишниот извештај на народниот правобранител за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2014 година.