Собранието го донесе законот за алтернативна медицина

Собранието на Република Македонија во рамки на продолжението на 35. седница денеска го донесе Законот за комплементарна и алтернативна медицина со кој се уредуваат повеќе прашања кои што се однесуваат пред се на системот, организацијата и примената на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина.

Со Законот се утврдуваат лицата кои ги применуваат овие методи и постапки на комплементарна и алтернативна медицина, установите ќе бидат за комплементарна и алтернативна медицина, потоа квалитетот на методите и постапките на комплементарна и алтернативна медицина, стручниот надзор над работата на практичарите на кам методите, како и сите други работи кои што се поврзани со комплементарната и алтернативната медицина.

Се предлага точно да бидат дефинирани дисциплините на комплементарната и алтернативната медицина кои ќе бидат дел од здравствениот систем на Република Македонија, потоа да се утврди под кои услови ќе можат да бидат практикувани, односно ќе можат да бидат користени, потоа видот и степенот на стручната подготовка на лицето кое ќе практикува некоја од овие дисциплини.

Целта е да се создаде еден механизам кој ќе му овозможи на пациентот да биде заштитен од неквалификувани поединци односно да му се гарантира максимум безбеден третман како и да му се овозможи да го оствари правото да избере третман врз основа на точни и целосно информации.

Предлог решенијата за овој закон се темелат на компаративни анализи на правниот статус и начинот на регулирање на комплементарна и алтернативна медицина како во Европа, така и во други држави надвор од Европа, координирани се сите релевантни и репрезентативни здруженија на системот на комплементарна и алтернативна медицина.

Собранието даде поддршка на повеќе законски решенија во прво читање. Меѓу нив Предлог законот за општа управна постапка, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција, Предлог законот за изменувње и дополнување на Законот за инспекциски надзор.

Како што беше посочено за предложеното законско решение за управната инспекција се врши усогласување со Законот за забрана за вршење нерегистрирана дејност, додека измените и дополнувањата на Законот за инспекциски надзор, како што образложи заменик-министерката за информатичко општество Марта Арсовска Томовска, се дава надлежност на Инспекцискиот совет да издава привремени лиценци за инспектор и се укинува обврската за ангажирање обукатори.

Според Влатко Ѓорчев, овие измени се дел од корпусот на повеќе измени на закони во делот на инспекцискиот надзор, а кои треба да придонесат кон поголема ефикасност. – Очекуваме да се подобрат условите во делот на инспекциите, а Инспекцискиот совет, кој лани беше формиран, има сериозна задача и состојбите треба да се подобрат во овој дел, истакна Ѓорчев.

Во претпладневниот дел од работата Собранието во прво читање го поддржа и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации кои се насочени кон јакнење на условите и критериумите при збор на директор и членови на Комисијата.

Пратениците го поздравија решението со кое се подигнуваат критериумите за избор на директор на Агенцијата и сметаат дека треба на чело на оваа институција да биде лице кое добро ја познава областа на телекомуникациите.

Пратениците ја почнаа расправата по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска полиција, со кој, како што образложи заменик-министерот за финансии Ардијан Џеладини, се воспоставуваат нови одредби во насока на зајакнување на системот на контрола при издавање оружје кое го носи службено лице во Финансиската полиција, како и за времено одземање на оружјето доколку против лицето е покрената постапка за кривично дело со елементи на насилство додека не заврши предметот. Со измените се воспоставува и обврска за упатување на психијатриска контрола на финансискиот полицаец.

Пратениците дадоа поддршка на измените и дополнувањата кои, според нив, се во улога на заштита и превенција од семејно насилство.

Собранието ќе ја продолжи работата по дневниот ред од 35. седница по редовната едночасовна пауза.