Македонија

Собранието го донесе законот за заем за гасификација

Собранието го донесе законот за заем за гасификација

По два дена расправа Собранието денес го донесе Законот за задолжување на Република Македонија кај Дојче банка и Ерсте банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот „ Гасификација на Република Македонија – фаза 1 – делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар“, по скратена постапка.

Со Предлогот се обезбедува заем од 90 милиони евра за финансирање на градбата на госоводот – делница Штип блок станица 5 Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар. Рок на отплата на кредитите се 7 години со вклучен грејс период од 3 години, со каматна стапка која ќе се пресметува како збир од 6м ЕУРИБОР + маргина од 450бпс.

Проектот предвидува изградба на инфраструктурни објекти и линиски дел на делниците Штип – Неготино – Битола дел 1 од Штип блок станица 5 до Неготино, линиски дел во должина од 36 километри, кој ќе се надоврзе до делницата Клечовце – Штип блок станица 5 чија изградба која е веќе во тек и дел 2 од Неготино до Битола во должина од 92 километри. Исто така и вториот дел Скопје – Тетово во должина од 76 километри. Изградбата се очекува да заврши во 2016 година.

Пратениците од мнозинството го оценија Предлог-законот како позитивно решение со кое ќе се реализира стратешки проект, додека опозицијата, која се изјасни против, смета дека е ново задолжување и побара овој проект да се реализира од постоечкиот буџет.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски закажа ново продолжение на 71-та седница утре напладне.