ТОП,Македонија

Собранието го изгласа буџетот на Специјалното обвинителство

Собранието го изгласа буџетот на Специјалното обвинителство

Во рамки на 71. седница Собранието денес едногласно и без дебата го одобри буџетот за работа на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Според образложението на Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници се предлага реалокација на средствата во рамки на планираните средства со Буџетот на Република Македонија за 2015 година, со цел обезбедување на финансиски средства за реализација на Финансискиот план на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Согласно Финансовиот план, средствата во износ од 63.420.428 денари се наменети за непречено работење и автономно функционирање на Специјалното обвинителство за последниот квартал од 2015 година.

Финансиските средства на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се наменети за исплата на средства за плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавно обвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и услуги, трошоци за време на постапките, вклучувајќи и средства за советувања и мислења од експерти, средства за професионално унапредување, средства за одржување на просториите и опремата, како и капитални инвестиции на Јавното обвинителство.

На дневниот ред на 71. седница се вкупно 118 точки, од нив најголем број во второ читање, а 12 во прво читање. По предлог на Владата на РМ дневниот ред е дополнет со девет закони кои ќе се носат по скратена постапка, меѓу кои и за задолжувања на Република Македонија за финансирање на проектот „Гасификација“ на РМ прва фаза, потоа за патната делница Штип-Радовиш, како и измени и дополнување на законите за гаранција на РМ на обврските по договорите за заем за финансирање на програмата за национални патишта и на проектот за надградба и развој на патишта кои ќе бидат склучени меѓу ЕБОР и ЈП за државни патишта, односно Светска Банка и ЈП за Државни патишта.

Седницата по редовната пауза ќе ја продолжи расправата по точката за именувањето на претседател и член на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.