Собранието го изгласа предлогот за распишување оглас за нов јавен обвинител

Собранието во текот на 12-та седницата во четвртокот со 61 глас „за“ го изгласа предлогот за распишување на оглас за именување на нов јавен обвинител.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата додека траеше гласањето. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ претходно побара гласањето да се одржи во понеделник, бидејќи, како што рече, претходно со собранискиот спикер Талат Џафери, констатирале дека нема мнозинство.

Ставањето на оваа точка на гласање, според Димовски, значи прекршување на членот 8а од Изборниот законик.

„Ве информираме дека ако го прекршите дадениот збор дека седницата ќе ја продолжите в понеделник, за време на гласањето ќе излеземе надвор од салата“, рече Димовски пред гласањето.

Џафери му одговори дека по нивниот разговор, координаторите на пратеничките групи го информирале дека парламентарното мнозинство е обезбедено и затоа свикал седница.

Согласно член 41 од Законот за јавно обвинителство, Собранието на Република Македонија по предлог на Владата, го огласува именувањето на јавниот обвинител на РМ во „Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во „Службен весник”.

Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

Потоа постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. Потоа одлуката оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас.