Собранието го изгласа зголемувањето на платите

Собранието на Република Македонија попладнево ги донесе законските измени кои предвидуваат зголемување на платите на јавната администрација за четири отсто.

Зголемувањето ќе стартува со октомвриската плата што ќе биде исплатена во ноември.

– Поради светската економска и европската должничка криза зголемувањето на платите одреден период беше одложено, но Владата изнајде доволно средства за да ја продолжи ваквата тендеција со цел подобар животен стандард на вработените во јавната администрација и нивно мотивирање за попрофесионално извршување на обврските, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Како што потсети Спасов, досега, пред економската криза, платите во јавната администрација беа зголемени за 25 проценти.

Пратениците ја поздравија владината одлука, посочувајќи дека нејзиното донесување се должи на водењето стабилна економска политика која не само што не ги намали, туку и ги зголеми платите и пензиите.

– Ова треба да биде стимул за вработените, со уште поголем елан да продолжат со работа и на тој начин да придонесат за подобрување на економијата, нагласи Благоја Деспотовски според кој, многу е битно и во кои услови се врши зголемувањето на платите особено ако се земат предвид состојбите во соседните држави.

Пратениците во рамки на 15. седница ги изгласаа и измените на Законот за јавен долг со кои, од јавниот долг се изземаат задолжувањата на јавните претпријатија основани од државата, на трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, краткорочното задолжување за ликвидносни потреби на Македонска банка за поддршка на развојот, како и на општините, доколку за нив не гарантира државата.

Согласно измените, и долгот на Народната банка не претставува јавен долг.

– Ефикасното управување со јавниот долг е од суштинско значење и подразбира намалување на ризикот при концепирање на структурата и  политиката за управување со долгот, со цел избегнување на евентуалната неможност за редовно и навремено сервисирање на долгот. Основната цел е да се обезбедат неопходните средства за финансирање на буџетскиот дефицит, особено средства за проектно финансирање, без притоа да се предизвика неоправдано зголемување на долгот до ниво кое може да ја загрози стабилноста на економијата и економскиот раст на државата, рече заменик министерот за финансии Ардиан Џеладини образложувајќи го текстот.

Подвлекувајќи дека измените се поставени врз основа на меѓународните критериуми, Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ укажа дека висината на јавниот долг во Македонија изминатите години не надмина 40 отсто од БДП за разлика од Србија, Хрватска, Словенија и Грција кај кои достигна 63, 68, преку 80 и фасцинантни 150 проценти.

– Македонската Влада ги предвидува економските текови, се обврзува на финансиска дисциплнина, нагласи Мукоски.

Солза Грчева оцени дека со предлог текстот власта сака да го прикрие јавниот долг.

– Во текстот треба да стои поради што е задолжена Македонија, за какви проекти, на кого се дава државна гаранција и зошто, а не вештачки да се намалува јавниот долг и да се прикрива, нагласи Грчева, посочувајќи дека и сите досегашни реакции беа во однос на транспарентноста и структурата на јавниот долг.

Законот за јавен долг е донесен во 2005 и досега беше менуван двапати, во 2008 и 2011 година.

Собранието моментно расправа по Предлог измените на Стратегијата за регионален развој на Република Македонија 2009 – 2019.