Собранието го одобри Буџетот за СЈО

Со 64 гласа „за“ и 1 воздржан Собранието денеска ја усвои Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, со која се обезбедуваат средства за реализација на Финансискиот план на Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за 2016 година.

Се предлага реалокација на средствата во рамки на планираните средства со Буџетот на Република Македонија за 2016 година, во износ од 253.682.112 денари кои се наменети за непречено работење и автономно функционирање на Специјалното јавно обвинителство.

Финансиските средства за СЈО ќе бидат наменети за исплата на средства за плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавно обвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и услуги, како и капитални инвестиции на Јавното обвинителство.

Пратениците од партиите на власт побараа специјалната јавна обвинителка Катица Јанева до Собранието да достави детална информација за што ќе бидат потрошени бараните средства во висина од околу 4 милиони евра и за што ќе бидат потрошени околу еден милиони денари за договорни услуги.

Тие не се задоволни од работата на Јанева, истакнувајќи притоа дека, како што посочија, таа не направила записник за предадените материјали од прислушуваните разговори, го одложила случајот „Пуч“ со образложение дека не се подготвени, и оти се ослободени од притвор главните осомничени за случајот.

Пратениците од опозицијата инсистираа Јанева да не се поврзува со нив и сметаат дека однесувањето на владејачката партија е резултат на неможност првпат по подолго време да контролираат некоја институција.