Собранието изгласа драстично намалување на глобите

Вчера во Собранието на Р.Македонија беше изгласан и донесен долгоочекуваниот Закон за прекршоци преку кој драстично се намалуваат глобите и се воведува принципот на нивелирање на санкциите во согласност со економската моќ на субјектите.

Со примената на новиот закон за прекршоци драстично се подобруваат условите за работа на фирмите во Р.Македонија. Во овој закон се воведени три критериуми по кој ќе се одмерува односно нивелира изречената санкција.

Според првиот критериум ќе влијае на изрекување на санкцијата почнувајќи од минимални 10% за фирми кои остваруваат максимални 500 000 денари, до максимум 70% за фирми кои остваруваат приход од над 100 000 000 денари.

Вториот критериум се однесува на просечниот број на вработени и истиот предвидува изрекување на санкција во висина од 5% за фирми кои имаат максимум 9 вработени, што се над 85% од фирмите во Р.Македонија, па се до 20% за фирми со над 250 вработени.

Третиот критериум се однесува на претходното поведение на субјектот и со овој критериум може да се изрече најмногу 10% од предвидената глоба или доколку претходно нема изречено санкција нема да има потреба ниту од овие 10%.

Според ова, кога на пример една фирма која има до 9 вработени, остварила годишен приход од најмногу 500 000 денари, а претходно не била санкционирана, со новиот закон за прекршоци ќе плати 15% од сумата која што претходно требало да ја плати, односно фирмата била санкционирана со глоба со висина од 500 евра, со новиот закон таа ќе изнесува само 75 евра.

За фирмите кои што имаат вработено максумим 49 луѓе, а оствариле приходи до 1 000 000 денари и претходно не биле санкционирани, ќе платат глоба во висина од 30%, односно ако глобата била 500 евра, сега ќе платат само 150 евра.

Фирмите кои имаат од 50 до 249 вработени, оствариле приход од максимални 6 000 000 денари и не биле претходно санкционирани, ќе треба да платат глоба од 55%, односно наместо 500 евра, глобата која треба да ја платат ќе изнесува 275 евра.

Додека пак, глоба со иста висина како досегашната ќе плаќаат само фирмите кои што имаат над 250 вработени, остварени годишен приход од најмалку 100 000 000 денари и не се претходно санкционирани. Такви фирми се само 0,3% од вкупниот број на фирми во Р.Македонија.

Со новиот Закон за прекршоци освен што драстично се намалуваат глобите за прекршоците, предвидува и воведување на можност за опомена кон правните лица и трговците поединци.

Како што напоменаа од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, ова претставува исполнување на уште едно предизборно ветување кое беше дел од програмата на последните парламентарни избори, но пред се со овој закон се излегува во пресрет на барањата и потребите на граѓаните и фирмите во Р.Македонија при што се обезбедува принципот на правичност и намалување на трошоците за работата на фирмите.