Собранието ја почна расправата за избор на преодна влада

Собранието на Република Македонија попладнево ја почна расправата за избор на преодната влада која треба треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 11 декември.

На почетокот на седницата беа констатирани оставките на министерот за внатрешни работи Оливер Андонов и на министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Согласно договорот постигнат во средбата меѓу лидерите на четирите најголеми парламентарни партии, преодната влада треба да биде избрана на 110 дена од изборите, односно денеска.

Во оваа влада опозицијата треба да ги добие министерските места во секторите внатрешни работи и труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство.

Централниот одбор на СДСМ синоќа едногласно ги прифати предлозите на раководството и Извршниот одбор на партијата за кандидати за министри и дополнителни заменици министри.

Кандидат за министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски, Фросина Ременски е кандидатка за министерка за труд и социјална политика, Кире Наумов кандидат за дополнителен заменик министер за финансии, Александар Кирацовски кандидат за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски кандидат за дополнителен заменик министер за земјоделство, водостопанство и шумарство.

Согласно постигнатиот договор, на 100 дена пред изборите треба да биде назначена и Санта Аргирова за главен и одговорен уредник на МРТВ.

Со консензус беше избран и Љуљзим Хазири како петти член на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, која исто така ќе работи до крајот на изборите.

Претходно, беше прочистен и Избирачкиот список од гласачи кои имаа спорни записи.