Македонија

Собранието ја започна 80-тата седница

Собранието ја започна 80-тата седница

Собранието ја започнува 80-тата седница, на која треба да расправа по Предлог-буџетот за 2014 година, ќе разгледа и Информација за загаденоста на воздухот во Скопје која ја предложи опозицијата, а ја поддржаа 95 пратеници.

Според предложениот дневен ред таа се најде на 79-тото место, но поради актуелноста пратеникот Ивон Величковски од ЛП побара таа да се стави на второ место после Предлог-буџетот, а Игор Ивановски од СДСМ на прво место. Предлозите не ги прифати мнозинството и излезе со предлог по Информацијата да се расправа по Предлог-буџетот и Предлогот за извршување на буџетот. Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ставот на пратеничката група е дека сака искрено да расправа и затоа едногласно го прифати предлогот да се дискутира по оваа Информација.

Игор Ивановски од СДСМ посочи дека треба да биде прва точка и да се расправа денеска заради итната потреба да се дискутира и да се предложат заклучоци и мерки од Собранието што треба да ги спроведат надлежните институции.

Поради неприфаќањето на ниту еден предлог, претседателот на Собранието на Република Македонија Тајко Вељаноски рече дека согласно Деловникот ќе се расправа по оваа точка откако ќе се добие мислење од Владата.

„Доколку сакате да добивате политички поени на сметка на граѓаните може да лицитирате. Штом добиеме мислење од Владата првиот нареден работен ден ќе ја разгледуваме таа точка“, рече Вељаноски.

Пратениците без да го усвојат дневниот ред добија еден час пауза по барање на координаторот на ДПА Имер Алиу заради барањето кога се пренесуваат седниците од Собранието да е емитува нивниот изворен говор на албански јазик.

На дневниот ред на оваа седница има над 80 точки. Меѓу нив се Предлогот за избор на членови на Судскиот совет и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита, на Законот за заштита на децата, на Законот за персоналниот данок на доход, на Законот за даноците на имот и на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, сите во второ читање, дневниот ред е дополнет со законски решенија за заеми и за регистрирањето готовински плаќања.

Пратеникот Амбди Бајрам побара да се додели помош на настраданите семејства во пожарот што се случи минатиот викенд во Тенеќе маало.