Собранието ја заврши општата расправа за неколку закони по скратена постапка

Во Собранието денеска заврши општата расправа по измените на Законот за субвенционирање на станбен кредит и Законот за акцизи, кои што треба да се донесат по скратена постапка.

Со измените на законот за субвенционирање на станбен кредит се предлага при аплицирањето да бидат земени предвид само остварените приходи на барателите по основ на плата, наместо вкупните приходи како досега.

„Досега за проектот можеа да аплицираат брачни парови и поединци чии вкупни месечни примања достигнуваа најмногу до 900 евра без оглед дали лицата се во брачна заедница или пак се работеше за поединец. Со предложените измени границата за брачни парови ќе се зголеми на 1.300 евра, а за поединци ќе остане лимитот од 900 евра“, рече заменик министерот за финансии, Ардиан Џеладини.

Третата измена, како што рече тој, е на барање на граѓаните, односно сега им се дава можност за продажба на станот за некоја поголема куќа и на куќата за поголем стан за разлика од досега кога можеа да аплицираат само лицата коишто сакаа да продадат стан и да купат друг поголем стан или куќата да ја разменат за поголема куќа.

Опозицијата обвини дека проектот „Купи куќа, купи стан“ е неуспешен и затоа Владата со законските измени се обидува да ги подобри условите за аплицирање на станбен кредит.

Собранието ја заврши и општата расправа по измените на Законот за акцизи.

Во попладневната расправа меѓу другото заврши општата расправа и по измените на законите за хартии од вредност, за државна ревизија, за ревизија, за Централен регистар, за стоковните резерви, за Царинската управа итн.