Собранието ќе гласа за нов министер за финансии

Собранието на Република Македонија денеска напладне се очекува да ја започне 106. седница на која треба да бидат констатирани оставката на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и смената на заменик-министерката за надворешни работи Драгана Кипријановска.

На истата седница на дневен ред ќе бидат изборот на нови членови на Владата – Кирил Миновски, за министер за финансии, и Илија Исајловски, за заменик-министер за надворешни работи.

Ставрески ќе остане запаметен како еден од најуспешните македонски министри

Ставрески ќе остане запаметен како еден од најуспешните македонски министри
Ставрески ќе остане запаметен како еден од најуспешните македонски министри

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески поднесе оставка поради здравствени причини.

Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, поради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на Владата на Република Македонија, наведува Ставрески во оставката.

Ставрески е дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ  од 2006-та година на позицијата потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009-та година и на позицијата министер за финансии. Тој со својата работа и постигнати резултати останува запаметен како еден од најуспешните македонски министри, кој со своите економски политики направи значителни достигнувања и суштински реформи кои државава ја ставија на мапата на меѓународните економски текови и процеси.

За време на министерувањето на Ставрески се постигнаа најзначајните и забележителни резултати во клучните области на економијата, намалување на невработеноста, привлекувањето на странски инвестиции, поддршка на домашната економијата, подигнување на стандардот на граѓаните.

Ми беше задоволство да бидам дел од овој економски тим, кој со голем жар, ентузијазам, одговорност и посветеност работеше за Македонија и донесе резултати кои многу граѓани ги почувствуваа, тргнувајќи од сериозното намалување на невработеноста, значително подобрување на бизнис климата, високи растови на економијата и извозот, носењето многу инвеститори и водењето здрави макроекономски и финансиски политики. Сето ова е остварено во исклучително тешки години на глобална финансиска криза, европска должничка криза, а еве речиси две години и домашна политичка криза, пишува Ставрески.

Тој во оставката се заблагодарува за плодната и професионална соработка со претходниот претседател на Владата Никола Груевски во чиј владин тим беше девет години.

Со него имав одлична соработка и голема поддршка. Заеднички со него и со другите колеги од Владата направивме економски резултати  за Македонија како никогаш досега, признаени и потврдени од најзначајните меѓународни финансиски институции, истакнува Ставрески.

Тој се заблагодарува и за соработката на премиерот Емил Димитриев и останатите членови на Владата особено за доброто функционирање во услови на длабока политичка криза, како и на одличните односи и соработка со приватниот сектор, НБРМ и меѓународните институции.

На позицијата нов министер за финансии премиерот Димитриев на денешната седница ќе го предложи  актуелниот директор на Управата за јавни приходи Кирил Миновски. Тој има плодно 17-годишно искуство во областа на финансии, управување со промени проектен менаџмент и човечки ресурси. Дополнително поседува 13-годишно искуство во работењето на една од водечките светски консултантски компании Booz Allen Hamilton во имплементација на повеќе донаторски проекти на УСАИД во делот на градење/развој на институциите на Република Македонија во економската сфера и создавање поволно деловно опкружување.

Миновски поседува и искуствo во работа на државните институции. Пред раководењето на Управата за јавни приходи, тој во периодот мај 2014 – ноември 2015 беше прв човек и на Државниот пазарен инспекторат. Претходно бил ангажиран како менаџер на компоненeнти во рамките на УСАИД, како и повеќе други проекти од оваа организација, поврзани со подобрување на конкурентноста, извозот, банкарскиот сектор.

Ќе се гласа и за нов заменик министер за надворешни работи

На денешната седница премиерот Димитриев за позицијата заменик-министер за надворешни работи, на која досега беше Кипријановска, ќе го предложи Илија Исајловски, кој е дипломат од кариера со богато искуство во меѓународни организации и разивање на дипломатски односи.

Во МНР Исајловски е вработен уште во 1996 година и поминува низ сите професионални скалила. Тој извесен период работи и во одделението за политички билатерални односи со државите од Западна и Централна Европа, како и амбасадор на Република Македонија во Украина, Руската Федерација и е актуелен амбасадор во Народна Република Кина, од каде ги покриваше и ДНР Кореа, Виетнам, Кралството Тајланд и Монголија.