Собранието ќе расправа за законите за помилување и заштита на приватноста

Собранието на Република Македонија на денешната 102. седница одлучи по скратена постапка да ги разгледува измените и дополнувања на пет закони поднесени од пратениците Илија Димовски и Талат Џафери, како и Предлог законот за заштита на приватноста, од истите предлагачи.

Откако матичните комисии ќе расправаат по овие законски решенија, попладне пред пратениците ќе се најдат Предлог законот за дополнување на Законот за помилување, Предлог законот за заштита на приватноста, Предлог законот за дополнување на Законот за заштита на личните податоци, Предлог законот за изменување на Изборниот законик, и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за управните спорови, по скратена постапка и Законот за општата управна постапка.

Со дополнувањата на Предлог-законот за помилување се предвидува нов член со кој се уредува можноста претседателот на државата да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката. Лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување, а како што е наведено во Предлогот за дополнување претседателот е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето да ја поништи донесената одлука.

Со Предлог законот за заштита на приватноста по скратена постапка се утврдува заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година. Со законот се утврдува забрана за поседување, обработка, јавно објавување на материјалите кои претставуваат повреда на приватноста, на личниот и семеен живот. Со законот се утврдува и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на кој било начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки.

Дополнувањата на Законот за заштита на личните податоци по скратена постапка предвидуваат уредување на обработката на личните податоци што се содржани во судските одлуки. Со предложеното дополнување на одредбата обработката на личните податоци што се содржани во Избирачкиот список ќе се врши под услови утврдени со Изборниот законик и на начин пропишан со прописите донесени врз основа на тој закон.

Со измените на Изборниот законик по скратена постапка се предвидува допрецизирање на одредбата во членот 31 став 2 точка 28в во делот на обезбедувањето на електронски пристап до Избирачкиот список. Со предложените решенија во Изборното законик ќе се овозможи ДИК да обезбеди електронски пристап до Избирачкиот список согласно со овој Законик и на начин пропишан со прописите донесени врз основа на овој Законик.

Измените и дополнувањата на Законот за управните спорови по скратена постапка се предвидува по исклучок тужбата да се поднесува во рок од три дена од денот на доставувањето на управниот акт до странката, додавање нов став со кој во случај доколку Управниот суд тужбата не ја отфрли веднаш со решение, по исклучок, во рок не подолг од три дена, Управниот суд по еден препис од тужбата со прилозите да достави одговор до тужената странка и до заинтересираните лица доколку ги има, како и одредбите од овој Закон да се применуваат само на управните спорови против решенијата по жалбите на решенијата за поништување на живеалиште. Овој Закон, како што е предвидено, влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува до денот на започнувањето на јавниот увид во Избирачкиот список за следните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија.

И шестиот закон што е на дневен ред на оваа седница е Предлог законот за изменување и дополнувања на Законот за општата управна постапка, по скратена постапка, со кој се допрецизираат одредбите кои се однесуваат на писмено доставување со предавање, доставување по пошта, рокот за жалба, како и рокот за донесување решенија по жалби кои ќе се применуваат само на решенијата, жалбите и решенијата по жалбите кои се однесуваат на постапката на пријавување на живеалиште.

Ова е втора седница на Собранието откако вчера Уставниот суд донесе времена мерка за запирање на сите изборни дејствија во земјата и почна иницијатива за оценка на уставноста на одлуката за распуштање на Парламентот. На неа не присуствуваа пратениците од опозициските партии.

Вчера исто така Собранието изгласа измени на Изборниот законик со кој се предвидува одлагање на предвремените парламентарни избори, но без прецизен датум.