Собранието ќе врати скоро пола пари што ги доби од Владата за кампања

По барањето на Собранието за одобрување на финансиски средства за кампањата за референдумот којашто ќе се спроведува од овластениот предлагач на Одлуката за референдум, Владата на Република Македонија алоцираше средства во висина од 80 милиони денари, префрлени на посебната наменска сметка на Собранието на Република Македонија, којашто ќе се користи исклучиво за спроведување на кампањата за референдум.

Алоцираните финансии исклучиво ќе бидат користени само за намената за која се распределени средствата, односно за кампањата којашто ќе биде спроведена од страна на 71 пратеник коишто се изјасниле дека се во коалицијата ЗА референдумот, што претставува 59% од времето за повластено платено рекламирање во медиумите.

Оттука информираме дека остатокот од алоцираните финансии за референдумска кампања, односно финансиите наменети за 41% од пратениците коишто во писмото до претседателот на Собранието се изјаснија дека бараат средствата за кампања да се пренаменат за други цели, истите не може да се пренаменат за други цели, односно истите ќе останат неискористени, стои во соопштението на Собрание.

Собранието како корисник на средствата, има обврска, по завршувањето на кампањата да изготви извештај за потрошените средства и неискористените финансии ќе бидат веднаш вратени во Буџетот на Република Македонија.