Македонија

Собранието ќе ја продолжи расправата за предлог уставните амандмани

Собранието ќе ја продолжи расправата за предлог уставните амандмани

Собранието на Република Македонија денеска ќе го одржи продолжението на 30-тата седница на која треба да се изјасни за осумте предлог-амандмани на Уставот.

Пратениците најпрво ќе гласаат за утврдување на уште три од предлозите за што е потребно обично мнозинство, а потоа со 82 гласа, односно двотретинско мнозинство ќе се гласа поединечно за секој од предложените амандмани. Двотретинско мнозинство е потребно и за изгласување на Уставниот закон.

Собранието досега ги утврди предлог-амандманите  33, кој се однесува за бракот, 34 за меѓународните финансиски зони,  35 со кој се менува називот на Народната банка на Република Македонија во Банка на Република Македонија, 36 со кој Државниот завод за ревизија станува уставна категорија, а ја заврши и расправата за  37. амандман со кој се одредува дефицитот на Буџетот на Република Македонија да не може да го надмине прагот од три проценти, а јавниот долг да не може да биде поголем од 60 проценти од Бруто домашниот производ.

Останува да се доразгледаат амандманите кои се однесуваат за одлучување по уставна тужба поднесена од физичко или правно лице, како и за начинот на работа и постапката пред Уставниот суд.

По завршувањето на собраниската седница за Предлог-уставните амандмани ќе се одржи продолжението на 11. седница на Собранието на која единствена преостаната точка е Дополнетиот предлог закон за прекршоци, во второ читање.