Собранието ќе расправа за измените на Законот за високо образование

На дневен ред на денешната седница на Собранието на Република Македонија е Предлог-законот за изменување на Законот за високото образование, по скратена постапка.

Во петокот во Владата беше постигнат договор за одложена примена на измените во постојниот закон, кои пратениците ги изгласаа на 14-ти минатиот месец.

Со новиот предлог се одложува за една година спроведувањето на државниот испит за студентите, а за две години ќе се одложи обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор.

Договорот беше постигнат на 6 февруари во Владата на Република Македонија, каде средба со  премиерот Никола Груевски, министерот Абдилаќим Адеми и заменикот Спиро Ристовски имаа делегација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, предводена од ректорот Велимир Стојковски, кој е и претседател на Интеруниверзитетската конференција. Присуствуваа и претставници на пленумите на студентите и професорите.

На средбата беше договорено во наредниот период заеднички работни групи да ја продолжат дискусијата за подобрување на пакетот реформски закони и донесување нов закон за високото образование.