Собранието ќе се изјасни за предлог-амандманите на Уставот

Собранието денеска ќе ја одржи 30. седница на која треба да се изјасни за осумте предлог-амандмани на Уставот.

Пратениците најнапред ќе гласаат за утврдување на предлозите за што е потребно обично мнозинство, а потоа со 82 гласа односно двотретинско мнозинство ќе се гласа поединечно за секој од предложените амандмани. Двотретинско мнозинство е потребно и за изгласување на Уставниот закон.

Еден од предлог-амандманите се однесува на бракот, кој се дефинира како животна заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж, додека за правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница е наведено дека се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со амандманите е предложено основање меѓународни финансиски зони чие работење и организација ќе се доуреди со закон.

Два од амандманите се однесуваат за одлучување по уставна тужба поднесена од физичко или правно лице, како и дека начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство.

Предложен е и амандман со кој е предвидено Владата да ја утврдува фискалната политика во Република Македонија во рамки на утврдени фискални правила и тоа дефицитот на буџетот да не смее да надмине три отсто од БДП, а јавнот долг да не смее да надмине ниво од 60 отсто од БДП. Во овој амандман се предвидува Владата на Република Македонија да може само во исклучителни ситуации да отстапи од утврдените фискални правила и тоа во случај на природни катастрофи и екстерни шокови кои влијаат на загрозување на националната безбедност, здравјето на луѓето или во случај на значителен пад на реалниот БДП.

Со предлог-амандманите се предвидува преименување на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија, Собранието да го избира и разрешува Главниот ревизор, а Судскиот совет да го сочинуваат 15 члена.

Пратениците од владејачкото мнозинство на седница на Комисијата за уставни прашања, минатата недела, ги поддржаа амандманите, додека пратениците од ДПА се изјаснија дека се против.

Инаку, Собраниската седница за Предлог-уставните амандмани ќе се одржи по 32. седница на која пред пратеници ќе се обрати претседателот на Собранието на Република Албанија Илир Мета. Предвидено е денеска попладне по 30. и 32. седница да се одржи и продолжение на 11. седница на Собранието на која единствена преостанат точка е Дополнетиот предлог закон за прекршоци во второ читање.