Собранието не ги изгласа заклучоците за загадувањето на воздухот во Скопје

Собранието вечерва не ги изгласа заклучоците за Информацијата за загадувањето на воздухот во Скопје, поднесена од пратениците од опозицијата.

Координаторите на пратеничките групи не ги усогласија ставовите во врска со заклучоците со министерот за животна средина Абдулаќим Адеми, како што предложи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева.

„Владата беше подготвена да прифати некои од предложените заклучоци од страна на опозицијата со цел да се усвојат како усогласени заклучоци. Меѓутоа не успеавме да се усогласиме за некои од заклучоците. Го прифативме заклучокот број 5, 6, 7, 11 и 13 со цел да изразиме готовност за давање заеднички придонес и за изразување на заедничка вознемиреност и грижа како Парламент и како Влада“, рече министерот за животна средина Адеми.

Некои од предложените заклучоци од опозицијата веќе се во сила и се спроведуваат во практика.

„Сакам да го реафирмирам апелот на Владата и да ги уверам граѓаните дека ние ќе продолжиме и понатаму да бидеме посветени на исполнување на нашите обврски со цел оваа состојба да се надмине“, рече Адеми.

Во однос на продолжувањето на рокот за имплементација на оперативните планови односно за „А“ интегрираните дозволи, министерот рече дека  дека Владата нема да го продолжи рокот кој истекува во април 2014 година.