Собранието поддржа едно законско решение

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на првото продолжениe од 21. седница го поддржа во прво читање Предлог – законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во ЈП МЖ Инфраструктура Скопје и ја заврши расправата по Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување по кој гласањето ќе биде по редовната пауза.

Во образложението на Предлог-законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во ЈП МЖ Инфраструктура Скопје, заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини рече дека основно решение што се предлага со Законот е претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени кредити од странство од страна на државата во период 2013-2014 година, во траен влог во ЈП МЖ Инфраструктура Скопје.

– Се предлага да се овозможи зголемување на основната главнина на ЈП МЖ Инфраструктура, а по уписот во Централниот регистар ќе престанат паричните обврски на ЈП МЖ Инфраструктура кон Министерството за финансии кои се предмет на регулирање со овој Закон. Со тоа ќе се обезбеди надминување на финансиските проблеми со кои се соочува ЈП МЖ Инфраструктура Скопје, посочи Џеладини.

Со предложеното законско решение ќе се овозможи финансиска консолидација на ЈП МЖ Инфраструктура Скопје по пат на конверзија на доспеаните побарувања на Република Македонија во траен влог во ЈП МЖ Инфраструктура Скопје. Предлогот на Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени кредити од странство од страна на Државата во период 2013-2014 година во траен влог во ЈП МЖ Инфраструктура Скопје  се заснова на обезбедување безбеден и сигурен начин на одвивање патнички и товарен сообраќај со зголемување на ефикасноста на работењето на ЈП МЖ Инфраструктура Скопје и обезбедување финансиска стабилност на ЈП МЖ Инфраструктура Скопје.

Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека државата презема 29,9 милиони денари обврски што ги има  ЈП МЖ Инфраструктура Скопје кон странски кредитори за земени кредити за тековно одржување и изградба на нови железнички линии во Република Македонија.

Во образложението на измените и дополнувањата на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, заменик-министерот за финансии Џеладини рече дека целта е уредување на стапката и основицата за пресметување на придонесот за задолжително здравствено осигурување на иселениците-државјани на Република Македонија кои примаат пензија или инвалиднина од странски носител на осигурување.

– Со овие законски измени ќе им се овозможи олеснување на лицата кои примаат пензија од држава со која Република Македонија нема склучено/преземено Договор за социјално осигурување или пак Република Македонија има склучено/преземено Договор за социјално осигурување, но во него не е регулирана можноста за остварување на правото на здравствено осигурување, во поглед на висината на придонесот за задолжително здравствено осигурување, рече Џеладини.

Појасни дека овие лица придонесот за задолжително здравствено осигурување ќе го плаќаат на износот на просечната плата во Република Македонија по општата стапка од 7,3 отсто.

Предложените измени и дополнувања на Законот со кои постојните стапки на придонесите од задолжително социјално осигурување ќе се применуваат и во наредните три години, ќе придонесат за стабилноста на системот на социјалните придонеси. Како резултат на предложените законски измени се очекува да се зголеми бројот на осигуреници-лица кои се приматели на пензија од странски носител на осигурување од држава со која Република Македонија нема склучено или превземено Договор за социјално осигурување во кој е регулирана можноста за остварување на правото на здравствено осигурување, кои ќе пристапат во системот на здравственото осигурување за време на нивниот престој на територијата на Република Македонија.

Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со предложените измени на Законот Владата прави еден дополнителен исчекор да им помогне на сите македонски државјани кои еден дел од својот живот го поминале работејќи надвор од државата каде стекнале право на пензија и неа ја користат во Република Македонија односно одлучиле по пензионирањето во странство својот живот да го продолжат во Македонија.

– Со цел да ги поттикнеме овие наши сограѓани да пристапат во системот за задолжително здравствено осигурување во РМ со предложеното законско решение на овие наши сограѓани им се овозможува да пристапат во системот на здравствено осигурување плаќајќи само општа стапка од 7,3 проценти од просечната плата во Македонија, нагласи Саздов.

Додаде дека на овој начин тие ќе можат полесно и поевтино да пристапат во системот за здравствена заштита, а со тоа да ги добијат потребните здравствени услуги, да направат превентивни прегледи во државните здравствени установи…

Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Македонија сака да ги гради мостовите кон дијаспората и ова е една од целата низа мерки кои се спроведуваат.

– Пред две недели имавме нови други договори за социјално осигурување овој пат со Италија. Значи се зголемува бројот на земји со кои Република Македонија има договор за социјално осигурување. Такви договори се потпишаа со Австралија, Канада, земји од регионот, земји-членки на ЕУ…Тоа им ја олеснува работата, живеењето, функционирањето на илјадници граѓани на Република Македонија, додаде Ѓорчев.

На дневен на седницата се е и предлог-законите за изменување и дополнување на законите за јавните набавки, за користење и располагање со стварите на државните органи, Предлог-законот за затворање на сметките кои се преземени во Управата за јавни приходи од поранешната Агенција за работа со блокирани сметки на учесниците во платниот промет, чии иматели се субјекти кои по организациона форма не се трговски друштва или трговци поединци, трите во прво читање.

Пратениците ќе расправаат и по Предлог-законот за вршење работи за застапување во царинските постапки, во прво читање, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа, по скратена постапка, Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејност за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година и Предлог финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.