Македонија

Собранието прифати повеќе измени на закони во прво читање

Собранието прифати повеќе измени на закони во прво читање

Собранието попладнево ги прифати првите читања од предлог законите за изменување и дополнување на законите за библиотеките, музеите, превоз во патниот сообраќај и за Државниот инспекторат за земјоделство и ги даде на натамошна постапка, пренесува МИА.

Со измените и дополнувањата на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство, според заменик министерот Ванчо Костадиновски, се предвидува усогласување со законите за инспекциски надзор, за квалитет на земјоделски производи и се уредува решавањето на висината на трошоците и начинот на плаќање на надоместокот на Државниот инспекторат за вршење контрола на квалитет на земјоделски производи, нивни преработки, стоки и услуги при производство, увоз, извоз и внатрешен промет. Се уредува прашањето и односите на контролата на кавлиететот на производите од земјоделско производство на нивни преработки, семето, садниот материјал, ѓубрињата и производи за заштита на растенија,  наместо на царински терминали да се врши на местото на истовар, со што се намалува административната постапка и времето.

– Се предвидува издавање уверение за квалитет врз основа на извршена контрола на квалитет и прегледи на пратките од увоз, извоз, производство, откуп, промет на земјоделски производи, семе и саден материјал, цвеќе и декоративни растенија, производи за заштита на растенија, вино и производи од вино и грозје, јаки алкохолни пијалоци, енолошки средства, ѓубриња, тутун и тутунски производи, органски производи, гмо, храна за животни, приплоден добиток, сперма од добиток, јајцеклетки, ембриони како и фитосанитарна контрола на пратки од растенија, растителни производи и други објекти и предмети и производи за заштита на растенијата како и утврдување за исполнување на условите за издавање фитосанитарен сертификат и пасош за растенијата, рече Костадиновски.

Заменик министерот за култура Драган Недељковиќ ги образложи измените и дополнувањата на законите за библиотеките и музеите, кои, како што рече, во најголем дел се технички и се врши усогласување со Законот за заштита на културното наследство.

Со измените на дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај, заменик министерот за транспорт и врски Ниметула Хаљими појасни дека се предлага внесување чип картички за возачите во меѓународниот сообраќај за модернизација на сертификатот согласно искуството на  европските земји.

– Предвидена е измена на надоместокот за извршената проверка за исполнување на посебните техничко-експлоатациски услови за возилата според класата, односно еуро стандардот, како и востанувње единствен тарифен систем и начинот на продажба на возните билети преку купување електронски карти за сите превозници, истакна Хаљими.

Со работа по 47. седница поратениците ќе продолжат утре.