Собранието прифати повеќе законски измени во прво читање

Повеќе законски измени во прво читање денеска беа прифатени во рамки на попладневниот дел од 35. седница на Собранието на Република Македонија.

Пратениците ги прифатија измените на Законот за финансиска полиција и на Законот за Царинската управа со кои се воспоставуваат одредби во насока на зајакнување на системот на контрола при издавање на службеното оружје и привремено одземање на оружјето во случај кога против лицето е покрената постапка за насилство. Со измените се воспоставува и обврска за упатување на психолошка и психијатриска контрола на финансиските полицајци и царинските службеници.

Измените беа поддржани од пратениците со образложение дека ќе се зацврсти контролата на одземање на службеното оружје кое го поседуваат финанските полицајци и царинските службеници.

Во корпусот закони со кои се зацврстува контролата на носење и употреба на службеното оружје беа прифатени и измените на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, измените на Законот за извршување на санкции и дополнувањата на Законот за судска служба.

Собранието ги донесе во прво читање и измените на Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис со кои се предлага пренесување на надлежностите од Министерството за финансии за податоците во електронски облик и електронски потпис во Министерството за информатичко општество, а функцијата на акредитациски орган од Министерството за финансии се пренесува на Агенцијата за електронски комуникации.

– Ефектот од донесувањето на предлог законот е воспоставување на соодветна институционална рамка која ке обезбеди сигурност и континуитет во издавањето и работењето со електронски потписи, појасни во образложението заменик-министерот за финансии Ардијан Џеладини.

Во прво читање беа прифатени и измените на Законот за денационализација, на Законот за издавање на обврзници за денационализација и  на Законот за начинот и постапката на исплатување на депонираните девизни влогови на граѓаните по кои гарант е Република Македонија.

Собранието прифати по скратена постапка да бидат донесени дополнувањата на Законот за јавни претпријатија со кои се предлага за набавките над 50 илјади евра во јавните претпријатија да биде вклучен и Надзорниот одбор. По скратена постапка беа усвоени и измените на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

Во попладневниот дел беа усвоени и измените на Законот за техничка инспекција, на Законот за Државен пазарен инспекторат и на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство.

Расправата по останатите точки од дневниот ред продолжува утре.