Собранието распиша оглас за 35 јавни функции

Собранието и Комисијата за прашања на изборите и именувањата распишаа оглас за пројавување интерес за ангажирање компетентни и високо мотивирани кандидати за повеќе јавни функции кои се во нивна надлежност.

Огласот се однесува за 35 јавни функции, претежно претседатели и членови на управни одбори во агенции и членови на комисии. Краен рок за поднесување на пријавите е 20-ти следниот месец.

Се бара пројавување интерес за функциите претседател и двајца членови на УО на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, пет кандидати за членови на Програмскиот совет на МРТВ, еден кандидат за член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, двајца за членови на Комисијата на Агенцијата за пошти, по еден кандидат за членови на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации и на Комисијата за решавање жалби од областа на енергетиката. За тие функции именувањето ќе биде веднаш по изборот.
Функции што се огласени, а за кои именувањето ќе биде по истек на мандатот на актуелните ангажирани кадри, се претседател и двајца членови на Управен одбор во Агенцијата за цивило воздухопловство, седум членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, еден член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации. Ќе се избира и директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци, двајца членови на Комисијата на Агенцијата за пошти, член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, како и претседател, заменик-претседател, член и заменик-член на Комисијата за решавање на жалби од областа на енергетиката, претседател на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и член на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

„Кандидатите кои се заинтересирани да се пријавуваат за одредена јавна функција потребно е силно да веруваат во сопствениот капацитет, а поседуваат менаџерски способости и лидерски вештини, способост за тимска работа и да се подготвени за темелна посветеност и силен ангажман и предизвици во периодот на спроведување значајни структурни реформи во земјата, се вели во огласот. Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно искуство и соодветно образование и да ги исполнуваат законските услови за функцијата за која се пријавуваат. Можност за пријавување имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле во државава и странство“, се вели во огласот.

Според огласот, сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способости, образование, искуство и личен капацитет без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности. Ќе бидат ангажирани најспособните и најсоодветните кандидати за јавната функција за која се аплицира. Сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат законските услови за функцијата за која се пријавуваат ќе бидат повикани на интервју, кои ќе бидат спроведувани во фази, согласно истекот на мандатите на носителите на јавните функции.

Заинтересираните кандидати до Комисијата за прашања на изборите и именувањата – Собранието на Република Македонија треба да достават пријава со наведена јавна функција за која конкурираат, лична биографија, документи со кои се докажува исполнувањето на условите за функција за која се пријавуваат и уверенија за познавање странски јазик.
Сите кандидати кои се актуелни носители на јавни функции, за функциите за кои се објавуваат во овој оглас и мандатот им истекува до јуни 2016 година или лица со истечен мандат имаат право и можност согласно соодветниот закон повторно да се пријават за функциите кои досега ги извршуваат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.