Собранието распиша оглас за носители на јавни функции

Собранието распиша оглас за пројавување на интерес за ангажирање на лица за 40 управни и раководни функции. Некои од позициите за кои се бара пројавување интерес се Управен Одбор во Агенција за регулирање на железнички сообраќај,Комисија на Агенција за електронски комуникации, Управен Одбор на Агенција за цивилно воздухопловство, Државна Комисија за спречување на корупцијата, Комисија на Агенција за пошти, Програмски Совет на МРТ, стои во соопштението од Собранието на Република Македонија.

Изборот на кандидатите за функционери т.е. носители на јавни функции кои се во надлежност на Собранието, се врши по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието. Ваков оглас се распишува за првпат.

Би сакал да нагласам дека ваквиот оглас за пројавување на интерес не е законска обврска на Собранието, но цениме дека на овај начин се збогатуваат принципите на демократијата и се зголемува транспарентноста на работењето на јавните институции т.е. на Собранието, и им се дава можност на што поголем број на способни луѓе да аплицираат.

При тоа сите пријавени кандидати имаат еднакви можности да бидат примени, согласно нивното образование и искуство, без разлика на полова, верска, партиска и национална определба. Сите кандидати кои ги исполнуваат законските услови за функцијата за која се пријавуваат, ќе бидат повикани на интервју, изјави денеска претседателот на  Комисијата за прашања на изборите и именувањата Зоран Илиоски.

„Собранието, за прв пат, распиша оглас за пројавување на интерес за ангажирање на лица и со ова, ги охрабруваме сите кандидати кои веруваат во сопствениот капацитет, кои поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, способност за тимска работа и посветеност кон работата – да се пријават.“- се вели во соопштението.

Краен рок на поднесување на пријавата е 20 јули.