Собранието расправа за јавниот долг

Собранието денеска расправа за Информацијата за висината, структурата, транспарентноста и намената на јавниот долг на Република Македонија, поднесена од пратеници од опозициските партии.

Во текот на расправата опозициските пратеници обвинија дека надлежните институции не ги објавуваат податоците за јавниот долг. Владата, сметаат, вештачки го намалува точниот износ на јавниот долг и ги надминува таргетите за управување со долгот. Целата политика ја темелела на земање кредити во функција на задржување на своите позиции, а не во интерес на граѓаните. Таквите тврдења, за пратениците од владејачкото мнозинство, се неиздржани, затоа што Владата не криела податоци и е транспарентна, а за резултатите во работењето има потврда од меѓународните финансиски институции. Сите информации за долгот, посочија, се проследуваат и до НБРМ и Еуростат, ММФ, Светската банка, ниту една не е пласирана погрешно и никој од нив не кажува дека долгот и стратегијата за јавен долг се променети во однос на утврденото.

„Во образложението на Информацијата, Марјанчо Николов од СДСМ оцени дека Владата ги крие податоците за јавниот долг, истакнувајќи дека на веб страницата на Министерството за финансии последниот годишен извештај за долгот е од 2009 година. – Се објавува само долгот на централната Влада, што е дел од јавниот долг. И овие податоци треба да не загрижат. Покажуваат дека од 2008 година долгот е практично дуплиран и изнесува 2 милијарди и 727 милиони евра, или 34 проценти од БДП“, рече Николов.

Според него, со износ од 34,1 процент долгот на централната Влада во 2012 година e надминат таргетот поставен со Стратегијата за управување со ваниот долг. Во 2013 година, обвини Николов, Владата се обидува преку префрлање на дел од долговите од државата на јавните претпријатија во државна сопственост да го намали и сокрие долгот на централната Влада.

Николов оцени дека Владата живее на кредит, оти секој граѓанин го задолжила со уште по 650 евра и оти ја придвижува државата со задолжување кон состојбите кај јужниот сосед.

Реплицирајќи, Ромео Тренев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Македонија е далеку од таквите состојби.

„Кажавте дека државата зема кредити, но не и оти враќа пари од кредити кои ги зела вашата влада, наведе Тренев, истакнувајќи дека оценките од меѓунаридните финансиски институции и фактите покажуваат оти Владата добро се снаоѓа со јавните финансии. Како може да кажете дека сме го зголемиле долгот, кога 38 проценти кога вие бевте на власт е повеќе од 34 проценти. Сега е 34 проценти и тоа се непобитни факти“, рече Тренев, укажувајќи на извештајот на Светска банка според која Македонија е четврта најниско задолжена земја во Европа.