Собранието расправа за Предлог буџетот за 2015 година

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 18-тата седница ја продолжи расправата за Предлог буџетот за 2015 година. Расправата ќе продолжи в понеделник.

Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија на Македонија посочи дека Македонија во следната година треба да достигне раст на економијата од најмалку 4 отсто.

– Во услови кога банките се плашат и не вбризгуваат свежи пари во стопанството тоа треба да го направи државата. Тоа ќе ја придвижи потрошувачката и воедно ќе значи развој на државата. Сметам дека јавниот долг треба континуирано да се следи, но вложувањата многукратно ќе се вратат, рече Авировиќ.

Со отворањето на технолошко-индустриските развојни зони, посочи, се менува структурата на извозот и од лон се оди на извоз на готови производи. Од зоните се очекува извозот да достигне до милијарда евра.

Нејзиниот сопартиец Љупчо Димовски, пак, нагласи дека земјоделството во Македонија станува еден од најзначајните сектори. Тој посочи дека во следната година е предвидено да се продолжи со субвенциите, но и да се изградат повеќе хидросистеми за наводнување на земјоделските површини кои ќе придонесат за подобрување на приносите.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека стапката на инфлација и натаму останува ниска и проектирана е на два отсто. Во врска со Буџетот за 2015 година, појасни дека вкупните приходи изнесуваат 163 милијарди и 280 милиони денари и значат поддршка на домашната економија во доменот на инвестиции, субвенции, пензии, плати и социјални надоместоци, а се задржаа ниските даночни стапки и јакнењето на даночната дисциплина и спречување на нелојалната конкуренција.

– Во Република Македонија стапките на ДДВ, повластената стапка на ДДВ, како и персоналниот данок останаа ниски. Во време кога имавме светска економска и должничка криза и кога многу европски земји првата постапка која ја направија беше на подигнување на тие даночни стапки, Македонија остана со најниска даночна стапка, рече Кузмановска.

Ова, посочи таа, се едни од многу важните параметри при презентирањето на условите за влез на странски директни инвестиции бидејќи странските инвеститори покрај другите услови прашуваат колку е стапката на ДДВ, колку се даночните стапки…

– Расходната страна е планирана во функција на поддршка на растот на македонската економија и тоа преку инвестирање во значајни инфраструктурни проекти, одржување на социјалната сигурност на граѓаните односно подобрување на економската положба и животниот стандард на населението пред се на најранливите групи на граѓани, пензионерите и корисниците на социјална помош, истакна Кузмановска и додаде дека вкупните расходи се планирани во износ од 181 милијарда 777 милиони денари и се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски и продолжување на почнатите инфраструктурни проекти.

Според пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ, Буџетот за 2015 година е основниот инструмент за спроведување на економската политика во една држава, јавните финансии се клучниот сегмент за секоја национална економија, за благосостојбата на нејзиното население и фискалната стабилност.

– Предложениот Буџет е зголемен за наредната година. Тој е развоен, рамномерен со зголемен раст кај капиталните инвестиции, меѓутоа и кај платите, пензиите, социјалната помош, во образованието, здравството, земјоделството, културата, спортот односно со него се опфатени и најмалите потреби на граѓаните, како и најмалите и наоддалечените места од централните градски подрачја, рече Димков.

МИА